Учење преку придонес кон заедницата: концепт кој овозможува лична надоградба надвор од училишните клупи

Образовниот систем во Македонија главно се темели и се фокусира на формалното образование. Повеќето од учениците во средните училишта не се ангажирани во никакви воннаставни активности. Ретко постојат структури во рамките на училиштата кои промовираат активизам, вградуваат дух за ангажирање на учениците во заедницата и нудат можност за учениците да научат како да ги изразат своите таленти, знаења и вештини, како истите да ги развијат и како да ги промовираат своите идеи.

Според истражувањата, 52% од младите во Македонија не се запознаени со младинско учество и сметаат дека им е потребно понатамошно образование во оваа насока. Младите луѓе не сметаат дека е важно да учествуваат во граѓански иницијативи. Само 31% имаат позитивно мислење за учество во граѓански иницијативи, додека 67% сметаат дека тоа е делумно корисно или воопшто некорисно.

⇒ Како може да придонесе кон подобрување на состојбите во општеството?

Ние веруваме дека концептот на учење преку придонес кон заедницата нуди решение за надминување на проблемот со пасивноста на младите и нискиот степен на нивна вклученост во општествено корисни активности. Овој начин на учење и влијаење во заедницата им нуди можност на младите луѓе да бидат одговорни, грижливи, активни и корисни учесници на општеството. Концептот на учење преку придонес кон заедницата (Service Learning) е заснован на искуствено учење, односно учење преку работа и се темели на три основи:

1) Целта на овој концепт е да им се даде можност на учениците да учат во процес во кој главна мотивација е придонес кон заедницата;

2) Учењето се одвива на два начина – учениците учат во текот на спроведување на активностите и учење преку рефлексија на она што се случувало за време на активностите и од самите резултати кои ги постигнале;

3) Подразбира соработка помеѓу учениците и наставниците во сите фази, односно во планирањето на иницијативата, во спроведувањето на иницијативата и во процесот на рефлекција на наученото.

Токму затоа Здружение ЛЕАД, во соработка со Агенција за млади и спорт, во периодот од јануари до јули 2019, го спроведоа проектот „Вклучи се за промена“, кој им овозможи на три средни училишта од земјава, да го применат овој пристап на учење и да направат промена во заедницата.

⇒ Што вклучи промената?

Преку отворен повик, беа селектирани 30 средношколци, поделени во 3 тима од 3 средни училишта, кои самостојно детектираа предизвик во заедницата, важен за младите и креираа предлог пристап за надминување на истиот. Во период од 3 месеци, секој од тимовите, со поддршка на наставник од нивното училиште и ментор искусен во спроведување ваков вид на активности, спроведоа иницијатива насочена кон детектираниот предизвик.

⇒ Запознај ги тимовите и нините иницијативи!

SHARE (Speak Honestly And Resolve Everything) 
СУГСГ „Орце Николов“
Зборувај искрено и разреши сѐ!

Тимот средношколци од СУГСГ „Орце Николов“, преку иницијативата SHARE (Speak Honestly And Resolve Everything/Зборувај отворено и разреши сѐ), имаше за цел да ги поттикне средношколците отворено да зборуваат за своите проблеми, да ја скршат стигмата околу посетувањето психолог и отвореното зборувањето за проблемите, но и да се ослободат од стравот да го споделат она кое им претставува некаква пречка или предизвик.

Главни активности спроведени во рамки на иницијативата беа:

  •  Анкета на 185 испитаници во СУГСГ „Орце Николов“. Резултатите од оваа анкета им помогнаа да ги прилагодат темите на работилниците кон потребите на средношколците кои ги воочија преку одговорите на анкетата;
  • Креативна работилница со глума и дискусија со реални примери од предизвици на средношколци со ментално здравје;
  • Работилница за вистински случаи за предизиците на средношколците поврзани со љубов, врска, пријателство, домашен притисок и социјален притисок;
  • Изложба на тема „Што ми помогна да пребродам проблем?“ каде секој имаше можност анонимно да испрати фотографија, цртеж или поезија со краток опис (околу 20-30 збора) како тоа што е претставено на сликата му помогнало во пребродување на проблемот или зошто му претставува утеха.

„Сметаме дека го престанавме молкот и започнавме гласно да зборуваме за адолесцентските проблеми и дека го променивме мислењето на таа тема на учениците кои учествуваа на активностите со самото тоа што ги поттикнавме да зборуваат отворено. Но, не само што го променивме мислењето на учесниците туку и на сите оние кои не’ следеа или барем слушнаа за нас. Во општеството е важно да се знае дека некој се труди да ја отвори оваа тема и да ја скрши стигмата за истата и тоа секогаш претставува инспирација за некој да размисли на таа тема, баш затоа што е ретко зборувана и споменувана.“- Тимот на SHARE

„Ајде сите да се дружиме“ 

ПСУ САБА- Скопје

Можности за сите!

Средношколците од ПСУ САБА пак, спроведоа иницијатива со која целеа да придонесат кон социјализација на децата со посебни потреби за да стекнат чувство на еднаквост и неотфрленост преку едукација, забава, дружба и развивање на креативноста на децата со посебни потреби.

Вака поставената цел ја остваруваа преку:

  • 10 работилници со лица со посебни потреби во кои опфативме декорирање на саксии, садење цвекиња, цртање на платно, боење цртежи;
  • Тим билдинг активности (куглање и пикадо) за подобро запознавање со лицата со посебни потреби.

„По спроведување на активностите од инклузивниот центар „Ајде сите да се дружиме„ спроведени од десет ученици од училиштето САБА, учесниците постигнаа повисоко ниво на социјализација и се чувствуваат еднакви. На различните работилници и активности кои се одржуваа децата со посебни потреби заедно со останатите ученици се едуцираа, забавуваа, дружеа и ја развија својата креативност. Тие го пополнуваа своето слободно време. На родителите им се помогна во социјализацијата на нивните деца.

Сметаме дека барем малку ја подигнавме свеста и бевме мотивација на другите училишта да го следат нашиот пример и да се отворат што повеќе вакви центри со што ќе се постигне целосна инклузија на оваа група деца.“- Тимот позади иницијативата „Ајде сите да се дружиме“ 

„Тука сме, заедно сме!”, 

СУГС гимназија „Никола Карев”

Заедно и здружено можеме да го промениме целото општество!

Иницијативата „Тука сме, заедно сме!“, спроведена од средношколците од СУГС „Никола Карев“ имаше за цел да ја зголеми свеста за менталното здравје кај тинејџерите и адолесцентите. Најпрво преку стекнување на самосвест, односно разбирање дека имаме емоции, разбирање на емоциите и контролирање на истите, а потоа и популаризирање на посета на психолог и што значи тоа за младите.

За таа цел, тимот спроведе низа активности насаочени кон постигнување на поскуваните резултати, и тоа

  • Целодневна работилница, исполнета со вежби за запознавање, дискусија со стручно лице (психолог), едукативни игри и психолошки вежби;
  • Изложба на цртежи на тема „Како се гледам себеси” изработени од учениците од СУГС гимназија „Никола Карев”;
  • Изработено видео за влијанието на проектот.

„Со оваа иницијатива ние започнавме тренд на зборување за ментално здравје. Успеавме да ги едуцираме нашите врсници, а воедно и самите ние да се запознаеме со многу повеќе информации за самосвеста, самодовербата и одржување на менталната хигиена. Заедно откривме многу повеќе решенија и начини да се справиме со некоја потешкотија или предизвик, и како најважно, успеавме да им го промениме животот на нашите 30 нови пријатели и да им покажеме дека секогаш постои повеќе од едно решение, и секогаш има некој кој ќе слуша, не сме сами, само треба да гледаме поразлично.“-Тимот позади иницијативата „Тука сме, заедно сме!“

⇒ Што вклУЧИ промената? Завршен настан од проектот

Каква промена направија средношколците од трите средни училишта од Скопје кои се вклучија во проектот „Вклучи се за промена!“? Што научија од целиот проект и на кој начин истиот влијаеше на нивниот личен развој? Кое е влијанието на процесот на учење преку придонес кон заедницата, врз формалното образование? За да дадеме одговор на овие прашања, го организиравме настанот „Што вклУЧИ промената?“, какао завршен настан од проектот.

Фокусот на настанот беа тимовите кои во изминатите три месеца неуморно ги спроведуваа своите иницијативи, учеа преку нив и дефинитивно придонесоа за позитивени промени во општеството!

 

Дополнително, присутните имаа можност да ги слушнат искуствата и препораките на наставниците од трите средни училишта, кои дадоа свој значителен придонес кон успешна реализација на иницијативите и имаа можност да се вклучат во дискусија за влијанието на ваквите иницијативи врз средношколците и врз самиот формално-образовен систем.

 

 

 

 

 

 

 

⇒ Кои беа придобивките од проектот и од концептот?

Придобивките можат да се поделат на две нивоа:

Придобивки за средношколците: Придобивки за училиштата:
  • Личен развој
  • Стекнување вештини
  • Развој на свесност за средината во која живеат
  • Зајакнување на личната и општествена одговорност
  • Професионален развој
  • Поттик на развојот на учениците
  • Развој на капацитетите на наставниот кадар
  • Зајакнување на имиџот на училиштето
  • Јакнење на општествената одговорност
  • Стекнување со програма за вклучување на учениците во општествено корисни активности
  • Награда за училиштето кое ќе победи на натпреварот за најдобра иницијатива