Како се образуваат нашите млади? Научени лекции

Како се образуваат нашите млади? Научени лекции

Изминатиот месец штотуку ја завршивме последната обука за оваа година со наставници од средните училишта од Македонија. Вкупно опфативме над 60 наставници од над 50 училишта од целата земја. Работејќи со нив забележавме проблеми и предизвици кои се повторуваа, а се поврзани со образованието и добивме поттик да ги споделиме.

Нашите наставници не се доволно платени за својата работа

Во просек, еден наставник на дневно ниво едуцира околу 200 ученици, тоа се околу 1000 ученици на неделно ниво, следејќи интензивна наставна програма која треба да се спроведе во 45 минутен час. За ова, наставниците се платени близу 400 евра. Финансиската мотивација на наставниците е навистина ниска.

Дополнително, многу често, особено кога се работи за наставни предмети за кои е потребна практична работа, како што се биологија, хемија и други, наставниците се соочуваат со недостиг на опрема при предавање на наставната материја.

Без пари, нема квалитетно образование!

Важно е да се напомене дека сите наставници, без разлика на регионот во кој се наоѓа училиштето, животниот стандард во тој регион и бројот на ученици, земаат иста плата за работата која ја работат. На пример наставник во помал град со 1/3 понизок стандард од Скопје и со група од 15 ученици зема иста плата како и наставник во Скопје.

Не можеш да ги сопреш брановите, можеш да научиш како да сурфаш.

Мораме да признаеме дека образованието треба да одговори потребите на учениците, а не обратно. Ова значи и дека образовниот систем треба да се прилагодува кон учениците. Свесни сме дека со развојот и промената на општеството и аспектите од секојдневното живеење, се менуваат и новите генерации, односно учениците.

Промените на генерациите на ученици се брановите, нашите наставници се сурферите, а образовниот систем е сурферска даска. Делува како брановите континуирано и интензивно да се зголемуваат, а сурферската даска која ја користат наставниците е иста повеќе од 30 години.

Додека образованието во земјите низ светот еволуира и методите на едукација ги прилагодува на општествените промени и потребите на учениците кои се менуваат, образовниот систем во нашата земја многу бавно се менува. Техниката на еден зборува другите слушаат е сѐ уште најприменивлиот метод.

Техниките кои се обидовме да ги пренесеме преку тренинзите, а со кои работиме во неформалното образование како: групна работа, рефлексија, вадење заклучоци, фацилитирана дискусија, различни пристапи кон учесник и давање конструктивни коментари, во најголем дел не се применуваат во настава. Зошто?

Веројатно најголема причина е обемната наставна материја која наставниците имаат за задача да ја пренесат на учениците во 45 минутен час. Најчесто, обемот на материјата не остава простор за користење на иновативни техники за пренос на материјата со кои би се задржало вниманието на ученикот во текот на целиот час и процесот на учење би бил поефикасен.

Друга причина е малата застапеност на нови методи во образование во програмите на Бирото за развој на образование. Ова прашање често е дел од стратегиите на Министерството за образование и наука и на Бирото за развој на образованието, но исто така најчесто останува само на хартија. Иако од наставниците се бара да користат интерактивен пристап во настава, пракиткувањето на истата не се мониторира што значи дека сепак останува на самиот наставник да одлучи како ќе го спроведе часот. Најчесто, ваков вид на настава се користи само при посетите на службеник од Државниот просветен инспекторат за да спроведе интегрална евалуација, кога наставниците ги базираат часовите на интерактивна настава, а за тоа ги подготвуваат и учениците.

Следствено на ова, кај наставниците се забележува и недостиг на вештини за користење иновативни техники при предавање, што е уште една причина зошто истите не се применуваат во настава. Обуките кои имаат за цел да ги јакнат капацитетите на наставниците, а се спроведуваат од Центарот за образование на восрасни и од Бирото за развој на образованието, не им нудат можности на наставниците за стекнување на вакви вештини. Мора да се напомене дека наставниците овие обуки ги сметаат за неефективни бидејќи и методологијата на истите тие обуки е застарена. Па така, останува на самите наставници, доколку имаат желба, сами да бараат алтернативни начини за лично надградување и стекнување вакви вештини. Ова не носи до два заклучокa:

  1. Образовниот систем не ги гради капацитетите на наставниците за користење нови и иновативни методи и техники во настава (системска одговорност)
  2. Наставниците во мала мера се запознаени со можностите за лична надоградба во оваа насока или немаат желба да ги користат ваквите можности (лична одговорност)

Ќе искористиме една мисла која ни ја кажа една од наставничките, учесничка на обуката „Работното искуство значи да се надградуваш во својата работа и да одговараш на потребите на учениците кои од генерација во генерација се менуваат. Има наставници со 30 годишно работно искуство, но има и наставници со едногодишно работно искуство и 30 години повторување на истиот принцип на работа“. Оваа мисла во голема мера ја отсликува моменталната состојба со нашиот образовен систем.

Користењето на телефоните во образованието

Во ера на глобална дигитализација, интернетот и развојот на „паметните“ телефони имаме два избора:

  1. Да ги искористиме во наша корист;
  2. Да се обидуваме да ги отстраниме од училницата.

Нашите наставници во најголем дел велат дека постои прекумерно користење на паметни телефони на часови за цели кои не соодветствуваат на наставата, како користење на социјални мрежи, меѓусебна комуникација за време на часот, сликање на наставникот без негова дозвола, исмејување, интернет насилство и слично.  И во право се, постои.

Прашањето повторно е зошто тоа се случува?

Нашата перцепција е следна:

Замислете го најдосадното предавање или состанок на кој сте присуствувале? Што направивте? Веројатноста дека сте го користеле телефонот е голема. Постарите генерации веројатно ја шкртале тетратката или играле X/0, што е само друга верзија на недостиг на интерес. Земајќи предвид дека просечното времетраење на фокус кај луѓето континуирано се намалува,  користењето на нови, интерактивни техники при предавањето на наставната материја е од огромно значење за ефективен образовен процес.

Наместо фокусот да е во правење напори на присилно отстранување на мобилните телефони од училниците преку закани и санкции, поефективно би било да наставата да се одвива преку методи со кои ќе се задржи вниманието на ученикот, како и користењето на мобилните телефони да се користи за потребите на часот, пример за да се истражи нешто, да се илустрира темата преку видеа и фотографии или да се дознае повеќе на темата која се обработува.

Паметните телефони ако правилно се користат можат да придонесат за подобро образование. Ние во LEAD го промовираме тоа, преку алатката МојГлас која овозможува ученици и наставници подобро да комуницираат.

Учениците се огледало на наставниците, а наставниците огледало на системот на образование

Ако ги прашате учениците, наставниците не знаат да предаваат, не знаат да пренесуваат знаење, не се грижат за нивниот развој, едвај чекаат да им завршат часовите и слично. Ако ги прашате наставниците, учениците не се фокусирани, не се одговорни, не заинтересирани, не се воспотани.

Овие ставови се базираат на претпоставки и перцепции на секоја од страните, како и на недостатокот на здрава самокритичност и отворена комуникација.

Доколку ја префрлиме вината на другиот, не оставаме простор за подобрување. Незаинтересираноста на учениците и недостатокот на нивно внимание за време на часот е последица, а не причина за проблемот. Најчесто, ваквото однесување на учениците е рефлекција на природата на самите часови. Природата на часовите е последица на начинот на предавање на наставникот. Начинот на предавање на наставникот е последица на образовниот систем. Се е поврзано! Надминувањето на овој предизвик налага промени во сите аспекти.

На нашите обуки запознавме наставници кои можат да послужат како пример. Наставници кои се самокритични и реално, отворено и без егоизам се свесни и говорат за своите недостатоци кои придонесуваат врз таквото однесување на учениците. Во голема мера свесноста за овие недостатоци беше мотив да се пријават на обуките и да се надградуваат.

Исто така, важно е да се напомене дека поради авторитетот кој учениците го гледаат во своите наставници, постапките на наставниците се отслкуваат во однесувањето на наставниците. Така, за време за обуките забележавме неколку постапки на наставниците кои се повторуваа, па можеме да претпоставиме дека се случуваат и за време на наставата и учениците тоа го гледаат и го практикуваат:

  1. Доцнење и ненавремено доаѓање на сесии, секако не од сите. Наставниците неретко доцнат на своите часови, а учениците од тоа земаат пример и го прават истото.
  2. Упаѓање во збор и во дискусија
  3. Немање свест за групните потреби
  4. Зборување на телефони
  5. Нејасно изразување и немање фокус на тоа што се зборува

Учениците учат од тие кои им пренесуваат знаење и кои ги гледаат како авторитети во својот живот: родителите и наставниците. Никој не се однесува како што се однесува без причина, постапките на учениците се преземени од однесувањето на нивното опкружување. Затоа, важна е сесноста на наставниците за нивното однесување од кое учениците земаат пример.

Постојат прекрасни наставници кои си ја сакаат професијата и сакаат да се надградуваат

И покрај ниските плати, недостатоците во образовниот систем, недостатокот на услови за работа, административните обврски кои ги имаат и други отежнителни фактори, на обуките запознавме наставници кои сѐ уште си ја сакаат својата работа, свесни се за важноста која ја имаат врз развојот на учениците, не се откажуваат и се трудат да се надградуваат.

Тие се нашиот пример, надеж за подобро образовние и мотив да продолжиме да работиме на унапредување на образовниаето во нашата земја. Тие се нашите херои!

Leave a comment