Ѕирнавме под тепихот! Како до безбедна училишна средина?

Ѕирнавме под тепихот! Како до безбедна училишна средина?

Колку често сте биле сведок на насилство во рамки на вашето училиште? Дали сте знаеле како да постапите во таа ситуација? 

Насилството како еден од најголемите предизвици со кои се справуваат образовните институции, зазема сѐ поголеми размери дури и преку наставата на далечина. 

Истражувањето „Далечинско учење или далеку од учење” спроведено од ЛЕАД покажува дека 22% од учениците не се чувствувале безбедно за време на он-лајн предавањата. 

Иако најголемиот број на ученици не биле жртви или сведоци (95%), сепак постојат и случаи на он-лајн злоупотреба за време на наставата.

Злоупотребата била во насока на сликање без дозвола при одговарање со камера, исклучување на микрофоните или камерите на наставниците, правење и препраќање слики од екранот за време на наставата, но и фотографирање на соученици за време на часот по спорт.

За тоа сведочат и изјавите на самите ученици кои велат:
„Не сум сигурен, но кога се вклучуваат камерите, од другата страна некои можат да фотографират и потоа да нè исмејуваат во свои приватни групи. Професорите често не бараат камери, но сепак може да се злоупотреби.” ученик, II година

Ваквата ситуација не` поттикна да го реализираме проектот „Не!Насилство” кој се стреми кон подобрување на ситуацијата со насилството во редовната настава и наставата на далечина.

Па така, ЛЕАД во соработка со 10 средни училишта од Град Скопје започна процес на изработка на унифициран документ со протоколи за препознавање и справување со насилство. 

Која е потребата од унифициран документ со протоколи за справување со насилство во средните училишта?

Потребата од изработка на унифициран документ произлезе од резултатите кои ги покажа прашалникот доставен до 10- те вклучени средни училишта во град Скопје. Имено, 19.4% од испитаниците одговориле дека во нивното училиште нема јасен протокол за постапување при случаи на насилство, додека пак 64.8% никогаш не биле обучени за постапување во согласност со протоколот.

Во оваа насока, поразговаравме со Кристијан Ангелески, кој беше вклучен како фасилитатор на изработката на правилникот за спречување на насилство.

„Кога станува збор за насилство, треба да знаеме дека зборуваме за многу сензитивна тема. Можеме да забележиме дека насилството во голема мера е присутно во училиштата дури и кога се е дигитализирано, меѓутоа кога станува збор за одговор на насилството потребно е сите заедно да направиме повеќе. 

Во оваа насока, потребата за постоење на ваков тип на протокол е приоритетна и истата цели едукацијата за насилство да ја постави како приоритет, во случај на насилство да даде насоки како да се постапи од сите засегнатите страни и да креира безбедна средина за сите. 

Креираниот протокол има свои задачи на повеќе нивоа. Како првичен и најважен во фокус го поставува насилството со цел да биде препознаено, а потоа соодветно да се реагира на истото. Нешто што е исклучително важно е да се работи со сите засегнати страни: жртвите, насилниците, сведоците, училиштето како заедница и сите други лица кои имаат некаква улога поврзана со случаите. 

Дополнително, во насока на превенција на насилство и насилно однесување, Протоколот за препознавање и справување со насилство во средните училишта има свој едукативен дел кој служи за информирање и едукација на сите засегнати страни во училиштето кога станува збор за насилство.  Начинот на кој ќе се реагира и постапува во случај на насилство, односно едуцира како превенција од насилство, е клучен како одговор на потребата за имање на ваков документ. Главната цел е сите во училиштата да се чувствуваат добредојдени, безбедни, да ги уживаат своите човекови права и да имаат еднаква можност да го достигнат својот максимум потенцијал.

Како изработениот протокол може да им помогне и да им ја олесни работата на стручните служби при препознавање и справување со насилство во рамки на нивното училиште?

Од друга страна побаравме и мислење од стручните служби, поточно од Ангелина Стевковска Максимовска која работи како педагог во СУГС Гимназија „Орце Николов”

Секое училиште има за цел да создаде средина во која сите ќе се чувствуваат безбедно и добредојдено. Оттаму се појавува потреба, училиштето да има унифициран протокол за спречување насилство и начини на постапување во случај на насилство. 

Целта на документот е да ја унапреди безбедноста и еднаквоста во училиштето и да ја покрене свесноста за насилството помеѓу сите субјекти во училиштето. 

Во документот се дефинирани видовите насилство, како и мерките и чекорите кои се преземаат за заштита на ученикот- жртва и промена на однесувањето на ученикот- сторител. 

Сите субјекти во училиштето треба да имаат пристап до документот, најпрво за да може се препознае насилството, а потоа за да се увидат чекорите кои можат да се преземат при случај на насилство, како и за поддршката која училилштето може да ја пружи.

Би ја потенцирала и важноста на превенцијата и заштита од насилство. Нашето училиште континуирано работи на едукација и на покренувањето на свеста кај учениците во врска со спречување насилство. Би сумирала дека протоколот за спречување насилство и начини на постапување во случај на насилство е неопходен документ кој секое училиште мора да го поседува и транспарентно да го споделува, поради зголемување на безбедноста и за намалување на насилството.“

Која е потребата на учениците од ваков протокол и како истиот може да им помогне на учениците при препознавање и справување со насилство? 

Според учениците вклучени во процесот, насилството е навистина многу застапено во училиштата и треба да се адресира. На оваа тема свое мислење сподели и Кристијан Поповски, кој е ученик во 4-та година и еден од учесниците во процесот.

„Насилството е нешто со кое секојдневно се справуваш без разлика дали се работи за директно напаѓање, насилство на социјални мрежи или насилна „шала“ во друштво. За жал, ние младите сме се повеќе изложени на вакво загрозувачко однесување, што значи дека е потребно и да знаеме како да се однесуваме и да се одбраниме во тој момент.

Во проектот се вклучив со тенденција да придонесам за променување на моменталната состојба каде многу од учениците се повлекуваат во случај на насилство. Тоа однесување сметам дека е резултат на стравот од непознатото кој се појавува поради недоволната информираност за начините за справување и препознавање на насилство.

Со самото запознавање со видовите на насилство и алатките за нивно разрешување, кои протоколот ги нуди, учениците ќе можат да одлучат да се спротивстават на насилното однесување, ќе добијат самодоверба и ќе бидат информирани на кого можат да се обратат за помош. Верувам дека со правилна дистрибуција и запознавање на учениците со протоколот, насилството во училиштето ќе се намали и самите ученици ќе покажат поголем отпор кон истото.

Што понатаму? 

Здружение ЛЕАД продолжува посветено да работи на намалување на појавата на насилство во средните училишта. 

Токму во таа насока беа спроведени две дводневни обуки, а како дел од истите се изработи план за воспоставување анти- булинг клубови во рамки на училиштата. Преку овие анти- булинг клубови, заедно со училиштата, се стремиме кон долгорочно справување со насилството преку навремено пријавување и интервенирање на случаи на на насилство.