Од следбеници до учесници: Вклученоста на младите во работата на локалните власти

Од следбеници до учесници: Вклученоста на младите во работата на локалните власти

За да можеме да зборуваме за инклузивно демократско општество, за почеток, политичките системи мора да ги содржат сите делови на општеството, вклучувајќи ги и младите. Инклузивното политичко учество претставува основно право, кое е клучно за градење на стабилни и просперитетни заедници и развој на политики кои соодветствуваат на специфичните потреби на помладите генерации.  Меѓутоа што всушност претставува младинското учество и колку е тоа застапено во нашата држава?

Состојбата со (не)вклученоста на младите во работата на локалните власти

На централно и на локално ниво, како суштински дел од заедницата, мнозинството млади во голема мера се исклучени од формулирањето на политиките и од процесите на одлучување. Според неколку истражувања и наоди, младите имаат негативно мислење општо кон политиката и цинично се поставени кон нејзиното функционирање, и кон владеењето на политичките партии. Се чувствуваат фрустрирано и кај нив преовладува општо расположение на немоќ. Нивните гласови ретко се слушаат што укажува на тоа дека институциите не се доволно наклонети кон интересите и потребите на оваа група. Меѓутоа, зачудувачки е тоа што овој негативен став не ги оддалечува од традиционалните начини на политичко учество, односно гласањето. Напротив, податоците покажуваат дека и покрај нивното незадоволство, сепак се доста заинтересирани за гласање.

Во Студијата за млади на РСМ 2018/2019 од Фондацијата Фридрих Еберт (ФЕС), се напоменува дека дел од причините за недовербата во институциите веројатно се наоѓаат во преголемата политизација, односно „партизација“ на општеството. Политичките партии се гледаат како гаранција за вработување и доаѓање до други бенефиции, па дел од нив веројатно гласаат на изборите во очекување на идни ветени придобивки.

Поголем дел на млади не пројавуваат заинтересираност за следење на актуелните политички случувања во земјата, ниту сакаат да земат активно учество во некои од политичките подмладоци, па дури ни во граѓанските организации. Ова не е зачудувачко, ако ја земеме предвид длабоката разочараност од начинот на раководење со државата од страна на институциите, корумпираната политичката позадина на нашето општество и од континуираното непреземање на соодветни мерки за сослушување на гласот на младите.

Влијанијата од недоволната вклученост на младите

Кога настануваат пречки во формалните, институционални процеси, процеси каде младите се исклучени од формирањето на политиките кои се поврзани со нив, кај нив брзо се појавува чувство на немоќ, а потоа и недоверба во институциите и политичките партии. Притоа веруваат дека нивниот глас нема да биде слушнат и дека нема да бидат сериозно сфатени, што дополнително резултира со незаинтересираност за следење на актуелните политики и нивно активно учество.

Дополнително на тоа, присутноста на партиските влијанија во секој домен од животот на младите и обременетото опкружување со различни видови на проблеми, се само дел од причините кои се одговорни за појавата на силна желба за миграција и напуштање на земјата во потрага по подобар животен стандард.

Според студијата на ФЕС од 2018/2019 г. „Ист процент од 33,80%, како и во Студијата во 2013 година (33%), одговориле дека планираат засекогаш да останат во посакуваната земја (во странство)“. Според истата, претежно младите македонци, на возраст од 14 до 19 години, се со најголема тенденција за миграција чија главна причина за иселување е подобрување на животниот стандард.

Разочараноста се појавува и во облик на песимистичка перцепција и скептичност за напредокот на македонското општеството и нивниот развојот на индивидуален план со самото останување во државата.

Препораки и решенија на ЛЕАД

Сите работи укажуваат на проблемите и предизвиците со кои се соочуваме, а тоа со се потенцира на итните мерки кои треба да се преземат за подобрување на состојбата со недоволната вклученост на младите во општеството.

Како организација подготвивме „Анализа на мерките за млади на програмите на политичките партии од парламентарните избори во 2020 година“ во која дадовме привидна слика за мерките за младите кои беа дадени во програмата на политичките партии во 2020 година.

Анализата се обидува да оствари две цели:

1. Да им овозможи на младите луѓе да го препознаат квалитетот и бројот на мерките кои се нуди за нив за да бидат во можност да донесат образована одлука при остварување на нивното гласачко право,

2. Да поттикне квалитетно креирање на мерки и политики за млади од страна на политичките партии користејќи ги 11-те индикатори за квалитетна младинска политики на Европскиот младински форум.

Дополнително, во текот на месец јуни ќе организираме „Town Hall“ дискусија на тема „Од ветено до реализирано? Колку локалните младински политики беа во фокусот на градоначалниците? “ на која ќе разговараме за остварените ветувања кон младите од страна на градоначалниците во Скопје.

Јас како млад човек би кажал дека на нас младите треба да ни се дадат потребните знаења, а со тоа и капацитет да учествуваме во социо-политичките процеси. Со тоа, ќе ги развиваме демократските вредности, што ќе доведе до поништување на авторитативните режимски трендови застапени на нашето поднебје. Меѓутоа прашањето е што ќе се направи за да се зголеми вклученоста на младите и како вие ќе влијаете да се одбегнат последиците?

Автор: Кристијан Поповски