Како до (по)безбедни училишни средини?

Како до (по)безбедни училишни средини?

Врсничкото насилство е еден од поголемите предизвици со кои се соочува образовниот систем во нашата земја, дури и при спроведување на настава на далечина. Темата на врсничко насилство беше фокус на конференцијата „Како до (по)безбедни училишни средини?“, организирана од Здружение Лидери за едукација, активизам и развој, во соработка со 10 средни училишта од Скопје, а со поддршка на Агенцијата за млади и спорт на Република Севрна Македонија, каде беше презентиран Протоколот за спречување и постапување во случај на насилство, а дополнително се дискутираше и за постоечките механизми за справување со врсничко насилство во средните училишта, но и за следни чекори кои е потребно да се преземат за да се гарантира безбедна училишна средина за сите ученици.

Во првиот дел од конференцијата беше презентиран Протоколот за спречување и постапување во случај на насилство, кој има за цел да едуцира и креира безбедна средина за сите, во која ќе се чувствуваат добредојдени, безбедни и ќе можат да ги уживаат своите човекови права и исполнат својот потенцијал креирајќи еднакви можности за сите. Протоколот беше презентиран од Светлана Аспровска Тодоровиќ, училишен психолог во СУГС „Георги Димитров“ и Милена Качаниклиевска, ученичка во СУГС „Геоги Димитров“, кои воедно беа дел од работната група креирана за изработка на Протоколот.

Македонската и албанската верзија од протоколот се достапни на следниве линкови:

Дополнително, преку панел дискусија, учесниците на конференцијата имаа можност да чујат што прават надлежните институции и тела за гарантирање на безбедна училишна средина и што е потребно да се преземе дополнително во оваа насока, но и да земат учество во дискусијата со свои коментари и предлози.

„Мораме да имаме кохерентни, суштински решенија за спречување на насилството. За жал, во нашите училишни средини, прагот на толеранција на насилството е на високо ниво.  Целта, во крајна линија, е да промовираме недвосмислени политики на целосна нетолеранција на насилство.“,изјави Даниела Адамова, раководителка на сектор за образование на Град Скопје.

Директорката на СЕПУГС „Васил Антевски- Дрен“ од Скопје, Тања Јовановска, ги потенцираше новите видови на насилство кои ни ги донесе воведувањето на наставата на далечин. „Пандемијата ни донесе нови видови на насилство, особено во насока на дигитално насилство. Во нашата земја се уште не се препознава поимот „дигитално здравје“, но мораме да преземеме акции и во насока на унапредување на „дигиталното здравје.“, изјави Јовановска.

За важноста од континуирана комуникација и работа со учениците во текот на целиот образовен процес говореше Гордана Блажевска Спиридонова, психолог во СУГС „Никола Карев“ од Скопје, која потенцираше дека „Потребно е да се разговара со учениците во континуитет, секоја учебна година, за да се развива свест за нулта толеранција на насилство и до крајот на образовниот процес сите ученици да го „говорат јазикот“ на ненасилство и толеранција.“

„Како ученици, постојано се соочуваме со притисоци за тоа како изгледаме, што зборуваме и како се однесуваме, а доколку не ги достигнеме тие очекувања ни се намалува самодовербата и стануваме жртви на насилство.“ потенцираше Кристијан Поповски, ученик во СУГС „Никола Карев“ од Скопје. Дополнително, Кристијан ја потенцираше важноста од примена на креираниот Протокол за спречување и постапување во случај на насилство, како од учениците, така и од службите. „Протоколот за спречување на насилство не треба да остане документ кој ќе заврши во архива. Потребно е да се вложи заеднички напор на учениците и службите за документот да биде дисеминиран до сите.“

Конференцијата „Како до (по)безбедни училишни средини“ е организирана во рамки на проектот „Не! Насилство“, имплементиран од Здружение Лидери за едукација, активизам и развој, а со поддршка на Агенцијата за млади и спорт на Република Северна Македонија.