Како се образуваат нашите млади? Научени лекции од обуки со наставници од средни училиште

Изминатиот месец штотуку ја завршивме последната обука за минатата година со наставници од средните училишта од Македонија. Вкупно опфативме над 60 наставници од над 50 училишта од целата земја. Работејќи со нив забележавме проблеми и предизвици кои се повторуваа, а се поврзани со образованието и добивме поттик да ги споделиме.

 

 

 

Нашите наставници не се доволно платени за својата работа

Во просек, еден наставник на дневно ниво едуцира околу 200 ученици, тоа се околу 1000 ученици на неделно ниво, следејќи интензивна наставна програма која треба да се спроведе во 45 минутен час. За ова, наставниците се платени близу 400 евра.

Дополнително, многу често, особено кога се работи за наставни предмети за кои е потребна практична работа, како што се биологија, хемија и други, наставниците се соочуваат со недостиг на опрема при предавање на наставната материја.

Без пари, нема квалитетно образование!

Не можеш да ги сопреш брановите, можеш да научиш како да сурфаш.

Промените на генерациите на ученици се брановите, нашите наставници се сурферите, а образовниот систем е сурферска даска. Делува како брановите континуирано и интензивно да се зголемуваат, а сурферската даска која ја користат наставниците е иста повеќе од 30 години.

Додека образованието во земјите низ светот еволуира и методите на едукација ги прилагодува на општествените промени и потребите на учениците кои се менуваат, образовниот систем во нашата земја многу бавно се менува. Техниката на еден зборува другите слушаат е сѐ уште најприменивлиот метод.

Техниките кои се обидовме да ги пренесеме преку тренинзите, а со кои работиме во неформалното образование како: групна работа, рефлексија, вадење заклучоци, фацилитирана дискусија, различни пристапи кон учесник и давање конструктивни коментари, во најголем дел не се применуваат во настава. Зошто?

Веројатно најголема причина е обемната наставна материја која наставниците имаат за задача да ја пренесат на учениците во 45 минутен час.

 

Друга причина е малата застапеност на нови методи во образованието. Ова прашање често е дел од стратегиите на Министерството за образование и наука и на Бирото за развој на образованието, но исто така најчесто останува само на хартија. Иако од наставниците се бара да користат интерактивен пристап во настава, практикувањето на истото изгледа како да не се мониторира што значи дека сепак останува на самиот наставник да одлучи како ќе го спроведе часот.

Следствено на ова, кај наставниците се забележува и недостиг на вештини за користење иновативни техники при предавање, што е уште една причина зошто истите не се применуваат во настава. Па така, останува на самите наставници, доколку имаат желба, сами да бараат алтернативни начини за лично надградување и стекнување вакви вештини.

Ова не носи до два заклучокa:

  1. Образовниот систем не ги гради капацитетите на наставниците за користење нови и иновативни методи и техники во настава (системска одговорност)
  2. Наставниците во мала мера се запознаени со можностите за лична надоградба во оваа насока или немаат желба да ги користат ваквите можности (лична одговорност)

Ќе искористиме една мисла која ни ја кажа една од наставничките, учесничка на обуката „Работното искуство значи да се надградуваш во својата работа и да одговараш на потребите на учениците кои од генерација во генерација се менуваат. Има наставници со 30 годишно работно искуство, но има и наставници со едногодишно работно искуство и 30 години повторување на истиот принцип на работа“. Оваа мисла во голема мера ја отсликува моменталната состојба со нашиот образовен систем.

Користењето на телефоните во образованието

Во ера на глобална дигитализација, интернетот и развојот на „паметните“ телефони имаме два избора:

  1. Да ги искористиме во наша корист;
  2. Да се обидуваме да ги отстраниме од училницата.

Нашите наставници во најголем дел велат дека постои прекумерно користење на паметни телефони на часови за цели кои не соодветствуваат на наставата, како користење на социјални мрежи, меѓусебна комуникација за време на часот, сликање на наставникот без негова дозвола, исмејување, интернет насилство и слично.  И во право се, постои.

Прашањето повторно е зошто тоа се случува?

Нашата перцепција е следна:

Замислете го најдосадното предавање или состанок на кој сте присуствувале? Што направивте? Веројатноста дека сте го користеле телефонот е голема. Постарите генерации веројатно ја шкртале тетратката или играле X/0, што е само друга верзија на недостиг на интерес. Земајќи во предвид дека просечното времетраење на фокус кај луѓето континуирано се намалува,  користењето на нови, интерактивни техники при предавањето на наставната материја е од огромно значење за ефективен образовен процес.

Наместо фокусот да е во правење напори на присилно отстранување на мобилните телефони од училниците преку закани и санкции, поефективно би било  наставата да се одвива преку методи со кои ќе се задржи вниманието на ученикот, како и користењето на мобилните телефони да се користи за потребите на часот, пример за да се истражи нешто, да се илустрира темата преку видеа и фотографии или да се дознае повеќе на темата која се обработува.

Паметните телефони ако правилно се користат можат да придонесат за подобро образование. Ние во LEAD го промовираме тоа, преку алатката МојГлас која овозможува ученици и наставници подобро да комуницираат.

Учениците се огледало на наставниците, а наставниците огледало на системот на образование

Ако ги прашате учениците, наставниците не знаат да предаваат, не знаат да пренесуваат знаење, не се грижат за нивниот развој, едвај чекаат да им завршат часовите и слично. Ако ги прашате наставниците, учениците не се фокусирани, не се одговорни, не заинтересирани, не се воспитани.

Овие ставови се базираат на претпоставки и перцепции на секоја од страните, како и на недостатокот на здрава самокритичност и отворена комуникација.

Доколку ја префрлиме вината на другиот, не оставаме простор за подобрување. Незаинтересираноста на учениците и недостатокот на нивно внимание за време на часот е последица, а не причина за проблемот. Најчесто, ваквото однесување на учениците е рефлекција на природата на самите часови. Природата на часовите е последица на начинот на предавање на наставникот. Начинот на предавање на наставникот е последица на образовниот систем. Се е поврзано! Надминувањето на овој предизвик налага промени во сите аспекти.

На нашите обуки запознавме наставници кои можат да послужат како пример. Наставници кои се самокритични и реално, отворено и без егоизам се свесни и говорат за своите недостатоци кои придонесуваат врз таквото однесување на учениците. Во голема мера свесноста за овие недостатоци беше мотив да се пријават на обуките и да се надградуваат.

Исто така, важно е да се напомене дека поради авторитетот кој учениците го гледаат во своите наставници, постапките на наставниците се отсликуваат во однесувањето на наставниците.

Учениците учат од тие кои им пренесуваат знаење и кои ги гледаат како авторитети во својот живот: родителите и наставниците. Никој не се однесува како што се однесува без причина, постапките на учениците се преземени од однесувањето на нивното опкружување. Затоа, важна е свесноста на наставниците за нивното однесување од кое учениците земаат пример.

Постојат прекрасни наставници кои си ја сакаат професијата и сакаат да се надградуваат

И покрај ниските плати, недостатоците во образовниот систем, недостатокот на услови за работа, административните обврски кои ги имаат и други отежнителни фактори, на обуките запознавме наставници кои сѐ уште си ја сакаат својата работа, свесни се за важноста која ја имаат врз развојот на учениците, не се откажуваат и се трудат да се надградуваат.

Тие се нашиот пример, надеж за подобро образовние и мотив да продолжиме да работиме на унапредување на образованиаето во нашата земја. Тие се нашите херои!