Како контроверзните теми влијаат врз развојот на ученикот?

Почетна - Како контроверзните теми влијаат врз развојот на ученикот?

Последни објави

blog-image
Aug 14, 2021
LEAD

Како контроверзните теми влијаат врз развојот на ученикот?

Насилство, нетолеранција, нетрпение, дискриминација, неинформираност и говор на омраза се појави кои се уште неретко можат да се забележат во училишните средини. Ставовите и верувањата на учениците поврзани со различните етникуми, националности, верски и политички убедувања, сексуалности, родови идентитети, родови улоги и други социјални појави, неретко имаат негативно влијание, особено врз маргинализираните и ранливите категории на млади.

alt

Без разлика на возраста, социјалната позадина и средината на живеење, младите ги чувствуваат последиците од горенаведените појави, што во голема вера влијае врз нивниот личен и социјален развој, но и нивните училишни успеси.
Но што е она што им е заедничко? Каде е коренот на постоењето на овие несакани состојби? Зошто се уште се застапени ваквите појави?
Одговорите на овие прашања се многу очигледни ако се следи развојот на еден млад човек. Просечниот млад човек во нашата земја се развива врз основа на концептот добро и лошо, правилно и неправилно, нормално и ненормално, точно и неточно. И исклучок од ова не е образовниот систем низ кои младите луѓе растат и се развиваат.

alt

Во нашиот образовен систем вооопшто или многу малку се практикува дебата, дијалог или дискусија во рамки на наставата. Образование базирано на факти, на апсолутна вистина и на однапред утврдени заклучоци во голема мера придонесува за недостатокот на критичко мислење кај младите, односно учениците, а тој недостаток на критичко мислење придонесува кон наметнати, цврсти, често неосновани ставови кај младите, како извор на нетрпеливост и нетолеранција кон различностите.

alt

Дискусиите за контроверзни теми на часовите во училиштата креираат можност за учениците да ги преиспитаат своите ставови во безбедна средина, да добијат поинаква перспектива за одредени прашања, да ги разберат различностите и да научат истите да ги прифатат. Иако ваквите дискусии не се нималку лесни, прашањето е дали да се избегнат или да се дискутираат?
Зошто е важно младите да дискутираат за контроверзни теми?
Демократијата се темели на различности, отвореност, толеранција, прифаќање и мирно решавање на конфликти. Дискусијата за контроверзни теми го гради демократскиот дух на младите, што води до поголема демократизација на целото општество.

Креирањето на критичко мислење и вештините за анализирање на информациите кои ги добиваат младите од средината и од медиумите, се стекнуваат токму преку дискусии на контроверзни теми. На тој начин учениците учат како да ги воспримаат и обработат информациите со кои доаѓаат во контакт.

Веројатно најважно, преку дискусијата за контроверзни теми, учениците градат поголемо разбирање на различностите, толеранција и емоционална интелегенција, што води кон градење на здрави и безбедни средини.

alt

alt

alt

Како дискусијата на контроверзни теми го помага личниот и социјален развој на младиот човек­, но и какво е влијанието кон општеството?

Соочени со голем број општествени и политички предизвици, на нашето општество навистина му се потребни млади кои ќе покажат дека работите можат да бидат поинакви.

Предавањето и дискусијата за контроверзни теми во училница ќе придонесе младите да ги зајакнат своите демократски капацитети и користејќи го развиеното критичко мислење, да се осврнат кон општествените предизвици и да се вклучат во процеси кои ќе придонесат кон надминување на тие предизвици.

Ако можете да замислите општество во кое толеранцијата, прифаќањето на различностите, демократијата и способноста да се надминуваат предизвици е правило, а не исклучок, веројатно е лесно да одговорите на прашањето дали дискусијата за контроверзни теми треба да се избегне или да се практикува.

ЛЕАД е основана во 2016 година од страна граѓански активисти, претприемачи, едукатори, средношколци и студенти со цел да поттикне општеството во кое младите и возрасни соработуваа за општествена промена.

Контакт

Ул.Охридска 39/10, 1000 Скопје
© Copyright 2021. All Right Reserved By LEAD