Од Словенија со љубов: волонтерско искуство во време на Ковид-19

Почетна - Од Словенија со љубов: волонтерско искуство во време на Ковид-19

Последни објави

blog-image
Apr 26, 2021
LEAD

Од Словенија со љубов: волонтерско искуство во време на Ковид-19

Запознајте ја Теа, млад човек кој во предизвикувачко време се реши да волонтира и да помага на лица со интелектуална попреченост. Таа, од почетокот на годината во рамки на програмата Европски солидаран корпус волонтира во Друштво Барка, во Словенија.

Вашиот престој е во мало место близу Љубљана, како се вклопивте во таа приказна?

alt

Моето пристигнување во Словенија се случи на 5ти февруари. Јас и Аммар, вториот волонтер од С.Македонија и мој долгогодишен пријател имавме среќа да бидеме двајцата избраници за проектот за работа со лица со интелектуална попреченост. Досега никогаш претходно не бев чула за Збиље, за ова прекрасно село со лебедово езеро на само 16тина километри од Љубљана, а на 2 километри од Медводе. Селото нема премногу жители, но спокојната атмосфера која овде владее и која беше забележлива уште веднаш е неверојатна. Градскиот метеж на кој јас бев навикната во моето Скопје претставува целосна спротивност од она што јас го доживеав овде и е своевиден шок кој што морам да признаам ми годи. Збиље и Збиљско језеро – шарм и љубов на прв поглед.

Запознавањето со вработените луѓе во Барка и самиот пречек беа навистина симпатични, многу брзо направија да се чувствувам пријатно, небаре сум дома уште од самиот старт. За жал морам да напоменам дека се’ до 15ти февруари моравме да останеме во „благ“ карантин, како превенција од Ковид-19.

Која е всушност вашата работа за време на волонтирањето?

Првиот работен ден започна толку спонтано и смирено за мене. Сите луѓе ги почувствував за срдечни, од самите лица сместени во мојата Сончева куќа и во втората куќа – Куќа на виножитото, до вработени во куќите и вработените во куќата на Барка кадешто се работилниците. Патем, Барка имаат три куќи во Збиље – во две од нив се сместени лицата, додека во третата се работилниците и онаму кадешто учиме нови вештини со дрво, со хартија, со конци, начини на цртање, итн.

alt

alt

Со Аммар активностите ги поделивме на уметност и градинарство. Тој најчесто барем два пати неделно црта со некое од лицата, додека јас најчесто периодов садам зеленчук и се грижам за градината. Тука осознав дека Ирена умее да сошие неверојатни цвеќиња и дрва. Дека Бого обожава да црта и да бои, и тоа го прави на исклучително добар начин. Дека Метод знае да ги намести домино коцките на начин на којшто јас никогаш нема да научам. Дека Кристина ги црта најубавите сини рози. Дека Томаж знае да ги искомбинира највеселите бои и да ги стави во совршена кохезија. Дека Марјанца има вешти прсти со кои освен што обожава да собира тревки и цвеќиња, знае и одлично да шие. Дека Стане е неверојатен дрво-мајстор или столар. Дека Славко умее да го изделка секое дрво., итн.

Што е тоа што досега го научи за време на волонтирањето?

Овде постојано се потсетувам колку е прекрасен животот. Тука и јас и Аммар учиме нови нешта, созреваме, гледаме до каде сме стасале, тука се соочуваме со себе, тука се борбите во и со себе, оттука се градиме и стануваме повеќе луѓе.

Со овие луѓе кои иако имаат интелектуални попречености, не им се намалува вредноста, овие луѓе имаат таленти и се надарени за многу креативности. Овие луѓе се уникатни и можат да не’ научат како повеќе треба да се сакаме и цениме меѓусебно, како една искрена насмевка може да ни го разубави денот и колку треба да му сме благодарни на животот.

Бидувањето дел од Барка и можноста да се искуси оваа атмосфера во која сите сме едно – ме прави повеќе ЧОВЕК.

alt

ЛЕАД е основана во 2016 година од страна граѓански активисти, претприемачи, едукатори, средношколци и студенти со цел да поттикне општеството во кое младите и возрасни соработуваа за општествена промена.

Контакт

Ул.Охридска 39/10, 1000 Скопје
© Copyright 2021. All Right Reserved By LEAD