ДА СЕ ИЗБЕГНЕ ИЛИ ДИСКУТИРА?
КОНТРОВЕРЗНИ ТЕМИ ВО УЧИЛНИЦА

Која е првата асоцијација која ви доаѓа за зборот контроверзно? Нешто лошо или нешто што треба да се зборува? Нешто што може да се докаже со факти или судир на вредности и интереси?

Самиот збор контроверзно има латински корени и потекнува од два збора, contra и versus што значи „свртување против”.  Па така и сама природа на контроверзните теми и прашања е судир на вредности и интереси кои имаат тенденција да бидат сложени и да не се состојат од лесни одговори.

Сепак, како една заедничка дефиниција за контроверзни теми можеме да ја земеме дефиницијата опишана во прирачникот „Предавање на контроверзни теми” издаден од Советот на Европа која ги опишува како: „прашања коишто предизвикуваат силни чувства и доведуваат до поделени мислења во заедниците и општеството.“

Ваквите прашања се различни во различни земји, каде на пример во Францијата тероризмот и религискиот фундаментализам може да биде контроверзно прашање, додека во Северна Македонија тоа може да биде легализација на истополовите бракови.


Какви ставови имаат младите и во каква средина се опкружени?

Се уште не постојат податоци за тоа колку и како контроверзните теми се опфатени во училишните клупи ниту пак со какви пристапи тие се опфаќаат. Меѓутоа, ситуацијата можеме да ја согледаме низ ставовите кои младите ги имаат за општествените теми, демократијата и нивните вредности. Според последното истражување на Вестминстер фондацијата, 87% од младите сакаат лидер со “цврста рака” што покажува сериозни недемократски тенденции. Од друга страна според последното истражување на Младинскиот образовен форум, 86,1% од младите немале можност да дискутираат тековни општествени процеси додека биле на училиште. Овие податоци се загрижувачки и ја покажуваат потребата за поголема демократизација, дискусија и дебата за важните општествени прашања.

Што преземаме ние и што е потребно да се направи?

Почнувајќи од март 2021 година LEAD го реализира проектот Наставници за едукација, демократија и човекови права, чиј фокус е актуелизирањето и подобрувањето на пристапите за предавање на контроверзни теми во основните и средните училишта. 

Во проектот се селектирани 15 основни и 15 средни училишта кои преку свој претставник ќе поминат процес за подобрување на пристапите за контроверзните теми во училница и ќе изработат свои индивидуални планови. Целиот пристап и методологија се базира на прирачникот „Предавање на контроверзни теми” издаден од Советот на Европа. 

Во досегашниот период беа реализирани 2 онлајн работилници за запознавање на поимот за контроверзни теми и за развивање на свесноста за нивното потекло, но и за подобрување на пристапите на самите наставници со конкретни алатки и активности. 


Досегашното искуство покажува дека наставниците се подготвени да го подобрат своето знаење особено во делот на подобар пристап во предавање на вакви теми. Воедно како најспоменувани контровезни теми кои се појавуваат на часовите се: 


- Истополови бракови

- Легализација на лесните дроги

- Сексуалност и сексуален идентитет

- Религии и религиски определби

Проектот „Наставници за едукација, демократија и човекови права” е финансиран од Советот на Европа преку програмата DISCO.


X