Промоција на првата интернет платформа за средношколско учество „Мој глас“

Замислете училиште во кое учениците можат да бидат консултирани и информирани со само еден клик, да дадат предлог со еден клик, да пријават проблем со еден клик и да започнат петиција за одредена промена во училиштето со еден клик.. Наскоро, такво училиште ќе постои!

Денес, 13-ти септември, 2018 година, во „Јавна соба“ во Скопје, ја промовиравме првата он-лајн платформа за средношколско учество „Мој глас“, изработена со поддршка од Проектот на УСАИД за граѓанско учество, а во партнерство со СУГС „Георги Димитров“.

Важноста на учеството на средношколците во процесите на носење одлуки во своите училишта и воведувањето на конкретни алатки беше фокусот на денешната конференција за промоција на платформата.

Пред присутните се обрати директорката на Проектот на УСАИД за граѓанско учество г-ѓа Ана Дракиќ, која нагласи: Инвестирањето во иновации и дигитални технологии за унапредување на образованието е од суштинско значење. Исто така, ефикасното користење на технологијата за максимизирање на ангажманот на младите луѓе во процесот на донесување одлуки е чекор кон нивното зголемено учество во демократско општество.

На конференцијата свое поздравно обраќање имаше и Директорот на средното училиште „Георги Димитров“, г. Саша Стоименов, кои потенцираше дека и покрај тоа училиштето веќе практикува комуникација и консултација со учениците, оваа платформа ќе придонесе за таквата комуникација да биде побрза и поефикасна.

„Мораме да се прилагодуваме кон развојот на новите технологии и да најдеме нивна примена. Развојот на технологијата е брз, па оттука се јавува и потребата за континуирано надградување на платформата за да ги задоволи потребите на учениците. Ќе дадеме максимален труд за да ја разработиме платформата во нашето училиште, ќе претставиме пример и ќе ги поттикнеме и другите училишта да ја воведат во своите училишта.“, изјави Стоименов.

Дополнително, на присутните им се обрати и Извршниот директор на Здружение Лидери за едукација, активизам и развој (ЛЕАД), г. Иван Јованов, истакнувајќи го потенцијалот за развој на платформата, како и визијата за платформата за во иднина.

„Се надеваме дека оваа апликација нема да застане на едно училиште и на 1200 ученици, ќе биде препознаена од институциите и вметната како дел од образовниот систем достапна до секој ученик. Потенцијалот е огромен, бидејќи оваа платформа може да се надгради и да стане како алатка за практикување на демократија и градење на активни ученици. Истата поттикнува активизам, поттикнува одговорност и повикува на соработка.“, потенцираше Јованов.

 

 

Дополнително, на конференцијата, Програмскиот директор на ЛЕАД, Илија Станковски, ја презентираше самата платформа, можностите и опциите кои ги нуди и начинот на нејзино користење од страна на учениците и училишниот персонал во СУГС „Георги Димитров“. Присутните на конференцијата имаа можност да постават прашања и да ги споделат своите коментари и мислења. На конференцијата присуствуваа претставници на средните училишта, средношколци, претставници на граѓански организации кои работат на оваа тема, како и претставници на меѓународни организации.

 

Конференцијата беше организирана во рамки на проектот „Мој глас“, имплементиран од Здружение Лидери за едукација, активизам и развој, во партнерство со СУГС „Георги Димитров“, а со поддршка од Агенцијата на САД за меѓународен развој (УСАИД) во рамките на Проектот на УСАИД за граѓанско учество, кој има за цел да осигура активно учество на средношколците во секојдневните процесите на носење одлуки и да се охрабрат учениците да ги адресираат предизвиците со кои се соочуваат до училишните служби, преку креирање на првата платформа, во форма на интернет страница и мобилна апликација, за средношколско учество и консултација. 

Користејќи ја платформата, училишните служби ќе ги консултираат учениците при носењето на одлуки кои нив ги засегаат и ќе ги известуваат за сите новости од една страна, но од друга страна учениците ќе имаат можност да доставуваат предлози и да пријавуваат проблеми до училишните служби, да доставуваат предлози до училиштето и да започнат петиција по прашања кои се од нивен интерес.