SkopYEAH!: Апликација за учество на инокамп

Почетна - SkopYEAH!: Апликација за учество на инокамп
Mar 12, 2026

SkopYEAH!: Апликација за учество на инокамп

ПОВИК ЗА МЛАДИ: ХАКНИ ГО ПРОБЛЕМОТ, ПОДОБРИ ГО ГРАДОТ

28-30 април 2026 Локација:Innox, Скопје

На инокампот ќе имаш можност во рок од 3 дена, во тим од млади луѓе со различни вештини, да осмислиш иновативно дигитално решение кое ќе помогне граѓаните полесно да пријавуваат урбани проблеми во твојот град - градот Скопје.

Најдоброто решение ќе добие можност за понатамошен развој и финансиска поддршка за реализација во висина од 1,500 евра во денарска противвредност како и награда за тимот во висина од 500 евра во денарска противвредност.

ШТО Е ИНОКАМП?

Инокампот е интензивен, креативен и практичен настан на кој млади луѓе работат во тимови за да создадат нови идеи и решенија за конкретен општествен предизвик.

Во текот на инокампот учесниците:

  • работат во интердисциплинарни тимови;
  • генерираат идеи;
  • развиваат концепт или прототип;
  • ги презентираат своите решенија пред жири комисија

Инокампот претставува комбинација од креативност, технологија, тимска работа и решавање на реални проблеми од заедницата.

КАКОВ ПРЕДИЗВИК ЌЕ СЕ ОБИДЕМЕ ДА РЕШИМЕ?

Град Скопје се соочува со неколку урбани проблеми кои граѓаните секојдневно ги чувствуваат, но немаат едноставен и официјален начин да ги пријават, а институциите немаат систем кој им овозможува навремено да реагираат.

Подетален опис на проблемот можете да најдете на следниот ЛИНК.

Предизвикот на овој инокамп е да се замисли и дизајнира една дигитална платформа (веб или мобилна) која ќе овозможи:

  • јасен и разбирлив приказ на квалитетот на воздухот
  • пријавување и мапирање диви депонии
  • пријавување на полни контејнери

Платформата треба да биде едноставна за користење, транспарентна и да создава доверба кај граѓаните, овозможувајќи јасен тек на постапување – од пријава до решавање на проблемот.

ЗОШТО ДА СЕ ПРИЈАВИШ?

Учеството на инокампот ќе ти овозможи:

  • да работиш на реален предизвик од градот и истиот да биде поддржан од Град Скопје;
  • да стекнеш практично искуство во креирање дигитални решенија;
  • да соработуваш со млади луѓе со различни вештини и професии;
  • да учиш од ментори и експерти;
  • да развиеш вештини како:
  • креативно размислување
  • решавање на проблеми
  • тимска работа
  • презентациски вештини

Покрај тоа, инокампот е одлична можност да запознаеш нови луѓе, да стекнеш нови знаења и да бидеш дел од иницијатива која има потенцијал да го подобри градот.

КАКО ЌЕ СЕ ОДВИВА ИНОКАМПОТ?

Инокампот ќе биде тридневно интензивно искуство во кое ќе учествуваат 50 млади луѓе на возраст од 15 до 29 години.

Инокампот започнува на 28 април, а победникот од инокампот ќе се знае веќе на последниот ден - 30 април.

Учесниците ќе аплицираат индивидуално, а тимовите ќе бидат формирани на самиот настан со цел да се создадат разновидни и интердисциплинарни тимови.

На крајот од настанот, жирито ќе го избере најиновативното и најизводливо решение кое ќе треба да се претвори во финална верзија за користење во периодот од мај до јули 2026 година.

Финалното решение потоа ќе биде преземено од страна на Град Скопје за користење, управување и одржување. Сите учесници ќе добијат сертификати за учество.

УСЛОВИ ЗА АПЛИЦИРАЊЕ И СЕЛЕКЦИЈА

Повикот е отворен за млади луѓе на возраст од 15 до 29 години кои во моментов живеат или студираат на територијата на град Скопје.

На инокампот можат да се пријават млади кои имаат интерес или вештини од следните области: програмирање, дигитални технологии, дизајн, анализа на податоци, екологија и животна средина, одржливост, урбан развој, општествени иновации, комуникации и маркетинг, меѓутоа и секој млад човек кој има мотивација и желба да придонесе кон подобрување на функционалности во градот:

Не е потребно претходно искуство со инокампови – важно е да имаш желба за учење, креативност и подготвеност за тимска работа.

Аплицирањето се врши со пополнување на онлајн форма ТУКА.

ШТО ПО ИНОКАМПОТ?

Реализацијата на победничкото решение ќе се одвива во период од три месеци по завршувањето на инокампот, односно од мај до јули 2026 година.

Победничкиот тим има обврска со обезбедените финансиски средства во износ од 1.500 евра во денарска противвредност да ја доразвие својата идеја и прототип и да ги претвори во финална верзија подготвена за користење.

По завршувањето на оваа фаза, користењето, управувањето и одржувањето на продуктот ќе бидат преземени од страна на Град Скопје.

ВРЕМЕНСКА РАМКА

  1. Временската рамка е следна:
  2. Отворање на повикот (10 март)
  3. Краен рок за апликации (1 април)
  4. Избор на учесници (8 април)
  5. Инокамп (28-30 април)
  6. Реализација на победничко решение (мај - јули 2026)

**Проектот е поддржан од Европската комисија, како дел од нејзините напори за континуирано унапредување на односите меѓу јавните институции и младите луѓе, во рамките на мрежата YouthHub WB&T. **

ЛЕАД е основана во 2016 година од страна граѓански активисти, претприемачи, едукатори, средношколци и студенти со цел да поттикне општеството во кое младите и возрасни соработуваа за општествена промена.

Контакт

Бул. Илинден бр. 47-3, Скопјe
© Copyright 2026. All Right Reserved By LEAD