„Дигиталната генерација“ со нови решенија за подобра животна средина

Почетна - „Дигиталната генерација“ со нови решенија за подобра животна средина
Jun 22, 2023

„Дигиталната генерација“ со нови решенија за подобра животна средина

Средношколски осврт на UPSHIFT Bootcamp: Дигитализација

Живеејќи во ера на интензивни климатски промени, секојдневно сме опкружени со потсетници за важноста на нашиот придонес за заштита на нашата околина. За моќта на нашето дејствување нѐ потсетија и средношколците на последниот од петте UPSHIFT циклуси: Дигитализација.

UPSHIFT програмата дава поттик и поддршка на средношколците да ја преточат својата креативност и грижа за животната средина во иновативни еко – решенија и нивна имплементација. Па така, и во овој циклус на програмата, 10 тимови – финалисти од средни училишта од цела држава имаа можност да ги доразвијат своите дигитални иновации на UPSHIFT BootCamp кој се одржа од 25 до 27 април во Струга. Натпреварувачкиот карактер на овој Bootcamp се состои од избор на 6 победници од страна на жири комисија. Победничките тимови добија финансиски средства во висина од 120 000 денари за реализација на решенијата.

ЕДУКАЦИЈА СО ПОДДРШКА И ЗАБАВА

Посветеност, продуктивност, ентузијазам и добра дружба ги проследија тродневните активности на Bootcamp-oт. За почеток, членовите на секој тим успешно ги идентификуваа еколошките предизвици во нивните заедници или училишта и да учат едни од други.. Некои предизвикот го препознале во прекумерниот отпад и количество на издувни гасови во нивната непосредна околина, други во прекумерна потрошувачка на струја и вода. Ваквите информации ни ги прошируваат знаењата, а во овој случај, тие изнудија интерес кај учесниците за социјалните иновации на останатите тимови. Доказ за ова е интеракцијата меѓу тимовите: прашања за функционирањето на решенијата, прототипите, позитивни коментари и лоцирање на пропусти. Соработката беше тло за позитивната енергија која вроди со посакуваната продуктивност.

1.jpg

Уште една состојка за пријатната атмосфера беше присуството на менторите. Освен нивната посветеност и корисни насоки, тие беа извор на насмевка и релаксација.

РАЗВОЈ НА ВЕШТИНИ СО ФОКУС НА РЕШЕНИЈА

Секако, главниот фокус на тимовите беше ставен на развој на решенијата. Во овој процес тие се служеа со нивните досегашни, а и учеа нови вештини во областа на дигитална технологија, механика, електротехника итн. Учениците се стекнаа со клучно знаење во насока на законски одредби, начин на работа на локалната заедница и мобилизирање на останати компании во кои согледаа потенцијал за соработка . Додатно, изработката на презентација и советите за финалниот Business – pitching, имаа за цел да ги зајакнат претприемачките способности на учениците.

Дигитална мапа на паркинг места, виртуелна бавча, дигитален фотосинтетски билборд, рециклиран одвлажнувач се само дел од исклучителните решенија што произлегоа од овој циклус на UPSHIFT. Во основата на истите се наоѓаа рециклирањето, употребата на сончева енергија и други обновливи извори на енергија, изработка на мобилни апликации... Повеќе информации за победничките решенија можете да најдете ОВДЕ.

3.jpg

За крај, долгоочекуваниот момент каде дотогашниот труд на тимовите излезе на виделина – прогласувањето на победниците. Возбуда, нетрпеливост и радост циркулираа низ воздухот. За едно сме сигурни, тие никако не можат да го загадат! Напротив, советите и прашањата од страна на комисијата единствено „расчистија“ одредени предизвици. Иако победници се 6 тима, инспирација и позитивен пример на овој Bootcamp беа сите 10...

Младите уште еднаш покажаа како треба да се користат придобивките од растечката дигитализација. Преку разбивање на пасивност и желба за промена, ни прикажаа како можеме да ја да сочуваме нашата околина, а со тоа и самите нас.

Автор: Анастасија Саша Тофоска

ЛЕАД е основана во 2016 година од страна граѓански активисти, претприемачи, едукатори, средношколци и студенти со цел да поттикне општеството во кое младите и возрасни соработуваа за општествена промена.

Контакт

Бул. Илинден бр. 47-3, Скопјe
© Copyright 2024. All Right Reserved By LEAD