ИНТЕРВЈУ: САРА АНГЕЛОВА - Претседателка на ученичката заедница „Методи Митевски - Брицо “ - Делчево

Почетна - ИНТЕРВЈУ: САРА АНГЕЛОВА - Претседателка на ученичката заедница „Методи Митевски - Брицо “ - Делчево
Jul 11, 2024

ИНТЕРВЈУ: САРА АНГЕЛОВА - Претседателка на ученичката заедница „Методи Митевски - Брицо “ - Делчево

Најава средни училишта.png

1. Како овогодишни победници, што е она што ја направи вашата ученичка заедница најГЛАСна?

Она што навистина ја направи нашата ученичка заедница најГЛАСна е дефинитивно тоа што е демократско, кохезивно тело во кое сите имаме подеднакво значајна улога. Дополнително, она што нас не’ направи најгласни е и тоа што суштински бевме тука како орган достапен за секој ученик. Можам да кажам дека мандатот во кој капетан на работата бев јас навистина поттикна средношколско учество и ги истакна главните проблеми со кои се соочуваат учениците и моите врсници и се обиде да најде заедничко решение во соработка со сите во училиштето. Воедно, нашата работа ги мотивираше учениците да бидат самите тие потик за промени во рамки на училиштето.

2. Дали сметаш дека ученичките заедници треба да се пријават на најГЛАСни? Ако да, зошто?

Без сомнеж, сигурна сум дека секоја ученичка заедница треба да се обиде да влезе во потесниот круг за наградата најгласни, бидејки и како победник, но и како некој кој прв пат беше вклучен во процесот, она што го научив е дека напредок во средношколците има, но секогаш може да расте. И да не бидеш победник, она што можеш да го добиеш од најгласни е можност за огромен напредок на ученичката заедница, но и да се стекнеш со придобивки на твој личен план.

3. Дали учеството на најГЛАСни и’ помогна на вашата ученичка заедица, а понатаму дали ти помогна тебе? Доколку одговорот е да, на кој начин?

Она што го научив на најГЛАСни, како најмлад претседател од сите претставници на шесте ученички заедници – финалисти, ми е потик и следната година да се обидам да бидам пак дел од составот на нашата УЗ, да покажам се што научив на тридневниот камп и да се потрудам и да им покажам на идните генерации како е да се биде дел од орган во кој ние сме тие кои ке бидеме слушнати, а не само послушници на наложени одлуки и надредени лица. Мене лично искуството со Најгласни ми помогна да ги зајакнам моите лидерски вештини, ми покажа каде сум грешела во координирање на нашата УЗ и ми беше мотив да покажам дека и младите во Делчево се тука за да напредуваат и да бидат самите потик за промени.

4. Која препорака би им ја дала на ученичките заедници кои сакаат да станат поактивни?

Многу е важно ние самите да се трудиме за нашето добро - интересите на средношколците најдобро ги знаат самите средношколци. Нека ова биде причина да ја надминете пасивноста со која се соочувате и да се вклучите во активности, како на пример можностите на ЛЕАД за многубројни проекти за унапредување на на средношколското учество, но и за поттик на самостојно истражување и размислување. На овој начин ќе започнете и со потрага по начини за мотивација на останатите во вашата околина да надминат проблемите и стереотипите кога станува збор за донесување одлуки во вашите училишта.

5. Како би ги мотивирала учениците да се вклучат во ученичката заедница во нивното училиште?

Сите сакаме промени и сите сакаме да бидеме дел од нив, но се уште треба да работиме на самоиницијативноста и прагматичното дејствување. Ученичките заедници се одличен простор каде можете реално да ја покажете желбата за промена. Застанете на ваша, ученичка, страна и создадете средина во вашите училишта во која и повозрасните ќе ги подржуваат вашите ставови, потреби, желби и барања.

6. Која е ваша највлијателна иницијатива/активност досега - онаа која резултирала со најголема промена?

Би издвоила две иницијативи/активности кои би сакала да ги споменам сега. Едната е доставувањето на барањето за замена на табли во одредени училници поради незадоволителниот квалитет на веќепостоечките зелени табли. Втората е креирањето на нашата Брицо Google forms, развиена со главна цел: директен контакт со сите нашите соученици кои ги претставуваме.

7. Потребата од постоење на ученичката заедница во средни училишта сè уште не е насекаде препознаена. Зошто токму ученичката заедница е неопходна, дали и како училишната средина би била различна доколку ученичката заедница не постои?

Неретка глетка е ниското ниво на демократија во училиштата и присуство на пасивност меѓу учениците. Во отсуство на ученичка заедница како тело, забележуваме дека учениците не се консултирани за донесување на одлуки и недостасува начин за комуникација помеѓу сите во учлиштето.

За пример ке го земам моето училиште, во кое во последните години се гледа задоволството на учениците од системот кој е воспоставен. До неодамна, она што било наложено од директорот и професорите било она што морало да се случи и учениците имале понезначителна улога, додека сега, се гледа дека нештата кои се прават и во кои се вложува е во интерес на учениците. Токму ученичките заедници се механизмите преку кои се овозможува ваквата состојба.

8. Кажи ни некоја интересна/смешна случка поврзана со ученичката заедница.

Не можам да издвојам една посебна случка, но знам дека можам да ги издвојам моментите во кои сите ние се шегуваме, како и оние ситуации во кои најтивките придонесуваат во шегите..

Наградата за ученичко учество најГЛАСни! ја доделуваат LEAD, Фондацијата Конрад Аденауер, Сојузот на средношколци и Агенција за млади и спорт.

ЛЕАД е основана во 2016 година од страна граѓански активисти, претприемачи, едукатори, средношколци и студенти со цел да поттикне општеството во кое младите и возрасни соработуваа за општествена промена.

Контакт

Бул. Илинден бр. 47-3, Скопјe
© Copyright 2024. All Right Reserved By LEAD