ИНТЕРВЈУ: Анастасија Саша Тофоска- Претседателка на Ученичката заедница на СУГС „Орце Николов“-Скопје

Почетна - ИНТЕРВЈУ: Анастасија Саша Тофоска- Претседателка на Ученичката заедница на СУГС „Орце Николов“-Скопје
Aug 15, 2022

ИНТЕРВЈУ: Анастасија Саша Тофоска- Претседателка на Ученичката заедница на СУГС „Орце Николов“-Скопје

Најава средни училишта.png

1. На почеток, кажи ни која е Саша?

Опишувајќи се себе: Саша е една ентузијастична средношколка, ученичка во трета година во СУГС „Орце Николов“, која неодамна се здоби со поривот да ги прошири границите на својот средношколски живот. Започна да „се меша во сите манџи“, практикувајќи неформална едукација и преземање на иницијатива за промени и го забележа позитивното влијание кое го има на околината. Заклучи дека може со мала пружена мотивација да ја покрене оваа приказна и кај други поединци и се избори за позицијата претседател на ученичка заедница.

2. Зошто твојата ученичка заедница беше избрани како најГЛАСна?

Нашата ученичка заедница се стреми да го смени мислењето и праксата дека улогата на ученикот се ограничува на седење во училишните клуппи, што завршува со ѕвонење на училишното ѕвонче. Членовите во нашата ученичка заедница постојано се состануваат и работат на тоа да создадат атмосфера во и вон ученичката заедница, во која секој ученик ќе добие инспирација и ќе знае дека ја има слободата да партиципира во оформување на условите во кои се образува.

3. Велиме дека демократијата се вежба од мали нозе. Како тоа вие вежбате демократија во рамки на вашите училишни заедници?

Нашата ученичката заедница е солиден пример за промоција на демократски вредности. Членовите на заедницата се избрани на демократски избори во рамки на својот клас, демократски избори кои понатаму се применуваат и во самата заедница за одредување на нејзината структура. Понатаму, сечиво мислење и став на членовите кои ги претставуваат своите класови се земени предвид. Не само што е поддржано, туку и преку низа на прашања во текот на состаноците, тоа е и охрабрувано. Најпосле, по демократски принцип, се одлучува за наредните чекори и дејстување преку преференциите на мнозинството.

4. Кажи ни некоја интересна случка од состаноците или работењето на ученичките заедници?

Самата атмосфера на состаноците дава простор за постојани шеги и добро расположение. Па затоа, шегите на одредени поединци кои најмногу и најчесто ги креираат, знаат секогаш да изнудат смеа, давајќи неформален карактер на нашите состаноци и пријатно опкружување каде никој не се плаши да го крене својот глас.

5. Да се биде активен во ученичката заедница често се разбира како губење време. Кои се придобивките да се биде активен за тебе?

Кај мене се јавува чувство на исполнетост и задоволсво кога ученичката заедница ќе им овозможи на учениците самоиницијативно да се борат за своите интереси, а уште повеќе кога ќе успеат во тоа. Лични придобивки подразбираат и искуство во организирање, стекнување на комуникациски вештини, зајакнување на критичко размислување...

6. Што би им порачала на училиштата што сакаат да аплицираат за најГЛАСни?

Би им препорачала без никакво двоумење да го направат тоа. Проектот промовира средношколско вмрежување што неминовно значи меѓусебно споделување на начини на функционирање на ученичките заедници низ Македонија, даваање и примање пофалби, критики и сугестии. Ова резултира со правење чекор напред кон унапредување на средношколско учество и практикување на демократија. А секако, има и прекрасна дружба.

Наградата за ученичко учество најГЛАСни! ја доделуваат LEAD и Фондацијата Конрад Аденауер за ученичките заедници кои во текот на една учебна година придонесуваат за учество на учениците во донесување на одлуки во своите училишта.

ЛЕАД е основана во 2016 година од страна граѓански активисти, претприемачи, едукатори, средношколци и студенти со цел да поттикне општеството во кое младите и возрасни соработуваа за општествена промена.

Контакт

Бул. Илинден бр. 47-3, Скопјe
© Copyright 2024. All Right Reserved By LEAD