1. На почеток, кажи ни која е Деница?
Здраво, јас сум Деница и сум член на Ученичката Заедница при СОУ ,,Коста Сусинов"-Радовиш.
2. Зошто вашите училишни заедници беа избрани како најГЛАСни!
Високото ниво на демократија и правилната поставеност при носење на одлуките, како и желбата за подобрување на ученичкото учество играа значителна улога во нашата победа.
3. Велиме дека демократијата се вежба од мали нозе. Како тоа вие вежбате демократија во рамки на вашите училишни заедници?
Демократијата се развива постојано, со место за подобрување на тој начин што се отвора можност учениците преку анкети, презентации и дискусии да ги истакнат своите мислења и да дадат предлози за поставени прашања во рамките на училиштето.
4. Кажете ни некоја интересна случка од состаноците или работењето на ученичките заедници?
Состаноците на нашата Училишна Заедница се исполнети со многу интересни случки меѓу кои една од нив би била организацијата на "No backpack day" која веднаш по нејзиното предлагање премина во опширна дискусија на настани кои се одвиваат во Американските школи, налик изјави за одржување на "pyjamas day" и "catfish day".
5. Да се биде активен во училишната заедница често се разбира како губење време. Кои се придобивките да се биде активен за тебе?
Активноста на учениците во никој случај не е губење на време, со што преку оваа активност учениците можат да се организираат и да го олеснат и збогатат поминатото време на училиште, да ги претстават проблемите со кои се среќаваат и да најдат решенија, да закажат забавни настани за олеснување на напорната училишна атмосфера и сл.
6. Што би им порачал на училиштата што сакаат да аплицираат за најГЛАСни?
Мојата препорака до вас е- направете го тоа! Со аплицирање на најГЛАСни не можете ништо да изгубете, туку да се здобиете со познанства, пријатели, идеи, предлози и препораки за поорганизирано училишно делување, па дури и награда ако успеете да ја презентирате својата иницијатива и УЗ на посакуваниот начин.
Наградата за ученичко учество најГЛАСни! ја доделуваат LEAD и Фондацијата Конрад Аденауер за ученичките заедници кои во текот на една учебна година придонесуваат за учество на учениците во донесување на одлуки во своите училишта.