Во повеќето земји од Западен Балкан, учениците сè уште се гледаат како пасивни приматели на знаење од кои се очекува да ги следат правилата и упатствата, без многу можности да влијаат врз тоа како функционираат училиштата. Но, во изминатата година, 10 средни училишта од пет земји направија храбар чекор напред со воведување ко-менаџирачки тела — структури во кои учениците, наставниците и родителите заедно учествуваат во обликување на училишниот живот.
Идејата зад ко-менаџирањето се заснова на едно едноставно, но моќно верување: училиштата функционираат подобро кога одлуките се носат заеднички. Кога учениците, наставниците и родителите седнуваат на иста маса како рамноправни партнери, тие носат различни перспективи, увид и искуства. Учениците го гледаат училиштето „одвнатре“, наставниците го разбираат процесот на учење и системот, а родителите носат долгорочна перспектива за развојот на своите деца.
Пилотирањето на ко-менаџирачки тела во 10 училишта ( по две во секоја земја ) беше замислено токму со таа цел. Секое тело вклучуваше претставници од редовите на учениците, наставниот кадар, раководството и родителскиот совет. Нивната цел? Да изградат заедничко управување, меѓусебна доверба и училишна средина во која сите се чувствуваат како дел од одлуките и резултатите.
Во секое училиште, учениците имаа активна улога во дефинирањето на агендите, изнесувањето проблеми и гласањето за теми што ги засегаат — од распоредот на настани и времетраењето на одморите, до кодексот на однесување и предлозите за воннаставни активности.
Овие улоги не беа симболични туку учениците изнесуваа вистински предлози, кои во многу случаи беа не само разгледани, туку и усвоени.
Но можеби уште поважно, учениците изјавија дека се чувствуваат вреднувани и слушнати. Нивното учество им помогна да развијат комуникациски, лидерски и преговарачки вештини. Како што рече еден ученик за време на состанок на ко-менаџирачкото тело:
„Ова е првпат да почувствувам дека мојот глас навистина значи нешто во ова училиште.“
Што се случува кога учениците, наставниците и родителите седнуваат на иста маса? Се создава култура на заедничка одговорност.
Кога одлуките се носат колективно, училиштата стануваат потранспарентни, покооперативни и пофлексибилни кон потребите на сите. Наставниците чувствуваат поддршка при спроведувањето на нови идеи кога знаат дека учениците и родителите стојат зад нив. Родителите, пак, добиваат подобро разбирање за тоа што се случува во училиштето надминувајќи го класичниот фокус само на оценки и дисциплина.
Овој процес придонесе и за подобрување на училишната култура.
Наставниците забележале подобро однесување во училниците и поголема ангажираност на учениците. Родителите коментирале дека кај нивните деца се забележува поголема зрелост и самодоверба.
Накратко — сите почнуваат повеќе да се грижат, бидејќи сите станаа дел од процесот.
Размислите на учениците, наставниците и родителите потврдуваат една јасна поука: заедничкото одлучување води кон заеднички успех.
Училиштата кои го прифатија ко-менаџирањето не се само подемократски тие се и поотпорни, поинклузивни и поодговорни кон реалните потреби на своите заедници.
Во наредната година, предизвикот ќе биде како оваа практика да се одржи и прошири. Но едно е сигурно: гласовите на учениците повеќе не се во позадина — тие се во центарот на креирањето на училиштата на иднината.
Проектот „Ко-менаџирани средни училишта“ се спроведува од Здружението LEAD (МКД) во партнерство со Genesis Project (BiH), Kosovar Youth Council (KS), Youth Network of Montenegro (MNE) и Connecting (SRB). Проектот е финансиран од Европската Унија преку програмата Erasmus+.