Образованието е столбот на секоја нација. Денес, најважното прашање не е пристапот до образование, туку пристапот до квалитетно образование. Образование кое е во согласност со потребите на пазарот и предизвиците кои ги носи економијата и технолошкиот развој. Но, колку нашето универзитетско образование нуди можности за практична примена на знаењата стекнати во текот на студиите?
Во 2022 година, LEAD во соработка со CIVITTA од Естонија пилотира нов концепт наредечен Education to Business кој спојува интердисциплинарна група на студенти кои ги поврзува со мали и средни претпријатија за решавање на бизнис предизвик и стекнување на претприемнички вештини.
Овој концепт им помага на студентите да се стекнат со практични знаења и искуства за време на нивните студии и да бидат подготвени за вработување по самото завршување на студиите. Во практичната работа се вклучени тимови на студенти и компанија кои работат на бизнис проект. Концептот подразбира тимска работа на студенти на зададен бизнис проблем/предизвик со кој се соочува компанијата. Вообичаено работата на проектот трае неколку месеци,во зависност од тежината на проблемот и големината на компанијата, и во тој период студентите се во тесна комуникација со вработените од компанијата се со цел подобро да го дефинираат проблемот, да се запознаат со организациската структура и процесите на компанијата и да предложат оптимално решение за проблемот, како и план за негова имплементација. Придобивките од учеството на во еден ваков процес на едукација и работење се многубројни:,
Стекнување практично знаење и искуство
Со работа на реална студија на случај (case study), можеш да ги примениш своите теоретски знаења за конкретната област, но и да се стекнеш со практично искуство преку работа на конкретен проблем. Искуството и вештините кои ќе ги стекнеш за време на ова студентско работно искуство ќе го продлабочат твоето знаење и ќе те подготват за идните образовни теми, како и за твоето идно вработување.
Менторство и помош од експерти од соодветна област
Менторот е многу важна „алатка“ во кариерниот развој на една личност. Менторот е човекот кој ќе те насочи и даде правец на размислување и делување во насока на решавање на проблемот или изнаоѓање на решенија. Тој ќе ти помогне и даде поддршка во процесот на разбирање на проблемот, разбирање на околината во која „живее“ проблемот, на луѓето врз кои има влијание, како и причинитие и последиците за наоѓање на соодветно решение. Најчесто менторот е експерт во дадена област кој не доаѓа од конкретната компанија, но кога се работи за ваков случај, менторот е вработен во компанијата кој има знаење и информации за компанијата и проблемот кои се потребни за наоѓње на решение.
Вештини за тимска работа во решавање на предизвици
Вештините за работа во тимови се најбарани на пазарот на труд. Зошто тимовите се толку важни во функционирањето на една компнија? Затоа што тие носат решение креирано согледувајќи различни аспекти на проблемот. Идеалниот тим се состои од лица кои имаат различна образовна и професионална позадина. На тој начин секој со своето специфично знаење и искуство од своја гледна точка му пристапува на проблемот и нуди решение од конкретен аспект, за на крај да дојдеме до најоптималното решение.
Развивање на меки вештини
Меките вештини се клучни, и многу важни во личниот и професионалниот живот на една личност. Комуникациските и презентациските вештини се важни во делот на видливоста и дистрибуцијата на вашето решение/производ/услуга, додека пак преговарачките и продажните вештини се дополнување на крајната цел на секој бизнис, продажба на производот/услугата/решението. Со вклученоста во реални проекти ќе имате можност да го искомуницирате и презентирате вашето решение за проблемот, но и да го „продадете“ на менџментот за тие да го усвојат и имплементираат истотот во компанијата.
Придонес кон компанијата и имплементација на твоето решение
Признанието дека сте придонеле за решавање на клучен проблем во компанијата е вредно, но уште повредно е чувството на успех проследено со самодоверба и сигурност во вашите нови вештини, знаења и искуство ќе ви отворат нови кариерни патишта.
Креирање иновации
За време на процесот на пронаоѓање решение за проблемот на компанијата, вие често размислувате и доаѓате до најразлични големи и мали идеи. Иновацијата не подразбира само решенија и идеи кои прават големи промени на пазарот, економијата и општеството, иновација е секоја мала промена која што го подобрува процесот, решава проблемот на било каков начин. Така што, во рамките на работењето вие секако сте иноватори, без разлика дали на големи или мали иновации. Тоа ви дава поттик понатаму да креирате и носи дополнителна вредност за вас како професионалец и вашиот кариерен развој.
Можност за вработување
Во текот на работата, вие тесно соработувате и скоро сте во секојдневна комуникација со вработените во компанијата, би рекле привремено вработен во неа. А тоа ви дава можност да ја истражите работната средина, вредностите на компанијата и можностите за вработување во неа. Но од друга страна, вие сте и „тестирани“ и „набљудувани“ преку вашата работа од менаџментот на компанијата што ви дава можност за вработување и предност пред останатте кандидати.