Што ако училиштето не е само место каде што учениците учат за светот, туку и место каде што активно учествуваат во неговото подобрување? Токму ова прашање не води низ спроведувањето националната програма за социјални иновации „UPSHIFT“ која ги вклучува средношколците во развој на социјални иновации насочени кон надминување на локалните предизвици поврзани со животната средина и климатските промени.
Од 2022 година па наваму, програмата постепено се тестираше, унапредуваше и прошируваше во соработка со средни училишта од различни региони и профили. Денес, UpShift е на чекор од следната фаза: интеграција како изборен наставен предмет во средните училишта.
Првично, програмата се спроведуваше како воннаставен процес, но искуството покажа дека нејзината најголема вредност се создава тогаш кога е тесно поврзана со училиштето и наставниот кадар. Токму затоа, од 2025 година процесот се префрла директно во училиштата и станува дел од нивните внатрешни образовни активности.
Како се спроведува програмата во пракса?
Вклучувањето на едно училиште во UpShift започнува со јасна одлука и преземена одговорност. Училиштето номинира одговорен наставник кој го води процесот и станува клучна врска помеѓу учениците, програмата и училиштето. Потоа се отвора ученички повик, на кој средношколците доброволно се пријавуваат, а притоа нема услови поврзани со оценки или претходно искуство. Напротив, процесот е отворен за сите ученици кои имаат интерес да размислуваат, истражуваат и работат тимски.
UpShift не започнува со готови идеи, туку со разбирање на проблемот. Учениците истражуваат предизвици од нивното секојдневие, во училиштето, во локалната заедница или пошироката околина. Разговараат со засегнати лица, прават интервјуа, анализираат причини и последици и учат да гледаат под површината на проблемите. Во овој дел се користи методологијата на дизајнерско размислување, прилагодена за работа со средношколци, која ги поттикнува учениците прво да разберат, а дури потоа да предлагаат решенија.
Процесот на ниво на училиште трае околу два месеци и е интензивен, но јасно структуриран. Учениците работат во тимови, со поддршка од наставникот и младински работник и постепено ги развиваат своите идеи во конкретни, применливи решенија. Улогата на наставникот во овој процес е суштински поинаква од традиционалната, каде наставникот наместо предавач, влегува во улога на ментор и фасилитатор, кој поставува прашања, насочува и создава безбедна средина за учење преку обиди и грешки.
На крајот од училишниот циклус, ученичките тимови ги презентираат своите решенија пред жири-комисија. По едно решение од секое училиште добива финансиска поддршка за реална имплементација, со што идеите излегуваат од училницата и стануваат дел од заедницата.
Што е она што го научивме од програмата?
1. Учениците се поспособни отколку што системот претпоставува
Една од најсилните лекции од UpShift е дека учениците имаат капацитет за сериозно размислување, одговорност и лидерство, многу повеќе отколку што традиционалната настава им дозволува да покажат. Кога им се дава простор да истражуваат реални проблеми, да донесуваат одлуки и да работат во тим, тие не бегаат од одговорност. Напротив, ја прифаќаат.
Во UpShift, ученици кои ретко се истакнуваат во класичната училница стануваат носители на идеи, координатори на тимови и гласни застапници на промени. Ова не е исклучок, туку правило кога процесот е добро структуриран и смислен. „Ученици од кои најмалку очекував беа меѓу најангажираните и најодговорните“, сподели еден наставник. Од перспектива на учениците, чувството е слично: „Првпат некој нè сфати сериозно и ни даде одговорност како на возрасни“.
2. Мотивацијата не се создава со оценки, туку со поставување цели
UpShift покажа дека младите не се демотивирани од учењето, туку дека се демотивирани од учење без јасна цел. Кога учениците гледаат дека нивната работа може да резултира со реална промена, мотивацијата доаѓа природно. Тие остануваат по часови, вложуваат дополнителен труд и преземаат иницијатива без надворешен притисок.
„Останувавме по часови затоа што сакавме, не затоа што некој ни рече“, сподели еден ученик, а друг ученик додаде дека „Беше напорно на моменти, но знаевме зошто го правиме ова, имавме цел“.
Важно е да се запамети дека ангажманот на учениците се гради со добро смислена содржина која одговара на потребите на учениците.
3. Улогата на наставникот е клучна, но пристапот мора да се промени
Програмата јасно ја покажа и трансформацијата на наставничката улога. Кога наставникот излегува од позицијата на предавач и влегува во улога на ментор, се менува целата динамика во училницата. Односот станува подоверлив, поотворен и пофункционален. Наставниците кои поминаа низ UpShift честопати го опишуваат искуството како професионално освежување. „Ова не беше класична настава. За првпат се почувствував како ментор, а не како некој што само пренесува материјал“ , изјави еден наставник, додека друг напомена дека „Ова ме потсети зошто станав наставник“. Ова значи дека ваквите програми не се важни само за учениците, туку и за одржување и развој на наставниот кадар.
4. Наставата ги подготвува учениците за „реалниот живот“
Ваквите програми ја доближуваат наставата до реалниот свет на начин што ретко се случува во формалното образование. Проблемите на кои работеа учениците не беа измислени сценарија, туку вистински предизвици од нивната заедница. Презентациите не беа само вежба, туку јавен настап пред вистинска публика.
„Првпат почувствував дека тоа што го правиме во училиште има врска со реалниот живот“, сподели една ученичка. Друг ученик вклучен во програмата напомена дека „Мотивацијата за учество во програмата не беше за оценка, туку за нешто што навистина може да се промени“. Ова чувство на релевантност е клучно ако училиштето сака да ја задржи улогата на значајна институција во животот на младите.
Што понатаму?
Сите овие искуства ја поставија основата за следниот чекор: UpShift како изборен наставен предмет во средните училишта, насочен кон социјални иновации за животната средина и климатските промени, во соработка со Бирото за развој на образованието, канцеларијата на УНИЦЕФ и Шведската влада.
Ова ќе овозможи програмата системски да се интегрира во средното образование, со јасна наставна рамка, соодветен број часови и подготвен наставен кадар. На тој начин, UpShift ќе престане да биде само програма и ќе стане дел од образовниот систем, нудејќи им на учениците простор за учење преку креирање, истражување и активно граѓанство.
UpShift покажува дека образованието може да биде поинакво, поблиску до реалниот живот, поотворено за ученичките иницијативи и посилно поврзано со заедницата. Токму затоа, оваа програма не е само инвестиција во младите, туку и во иднината на училиштето како место каде што се создаваат идеи, решенија и одговорни граѓани.