Кога учењето станува акција: пет Service Learning приказни што ја менуваат заедницата

Почетна - Кога учењето станува акција: пет Service Learning приказни што ја менуваат заедницата
Feb 9, 2026

Кога учењето станува акција: пет Service Learning приказни што ја менуваат заедницата

Во текот на 2025 година, во рамки на проектот „LEADing Forward: Зајакнување на капацитетите за одржлив развој“, нашата организаиција ја приближи програмата Service Learning до учениците — пристап преку кој средношколците учат преку реално делување во својата заедница.

Наместо учењето да остане само во училница, учениците препознаваа конкретни општествени и еколошки предизвици, развиваа мали иницијативи и создаваа решенија со видлива вредност за локалната средина. На тој начин, младите стекнуваа практично искуство, но истовремено развиваа граѓанска одговорност, лидерство, тимска работа, емпатија и претприемачки дух.

Во рамки на програмата беа поддржани 10 Service Learning иницијативи, со вклучување на 50 млади, 10 наставници-ментори и интерес од 42 училишта кои поднесоа апликации за учество. Петте победнички тимови покажаа дека кога младите добиваат простор, доверба и поддршка, учењето може да стане конкретна промена во заедницата.

Еколошки навики од најмала возраст: тимот ГАЈА од Американската гимназија – Скопје

Како се градат еколошки навики од најмала возраст? Тимот ГАЈА од Американската гимназија – Скопје одговори на ова прашање преку иницијативата Еко-првачиња која ги поврза играта, натпреварот и практичното учење.

Учениците вклучија околу 600 првачиња од основните училишта во Општина Аеродром во процес на учење и практикување рециклирање. Преку едукативни посети, селектирање отпад и награден систем, децата учеа зошто рециклирањето е важно и како секојдневните навики можат да придонесат кон почиста средина.

Со поддршка од Општина Аеродром и во соработка со Еуро Екопак, во училиштата беа обезбедени картонски кутии за селекција на хартија и пластика. На тој начин, рециклирањето не остана само активност за еден ден, туку стана дел од секојдневието на учениците.

Кога учењето е забавно, навиките се градат природно и имаат поголема шанса да траат.

Храна без отпад и грижа за сите: Zero Waste Heroes од РЦСОО „Ванчо Питошески“ – Охрид

Тимот Zero Waste Heroes од РЦСОО „Ванчо Питошески“ – Охрид ја разви иницијативата „Оброк + заедничка активност = Храна без отпад за сите“, преку која истовремено одговори на два важни предизвици: недостигот на пристап до топол и нутритивен оброк за социјално ранливи категории и големото количество отпад од храна.

Преку волонтерска кујна, едукативни работилници за здрава исхрана и компостирање, како и практична примена на zero waste пристапот, учениците подготвуваа бесплатни топли оброци за лица од социјално ранливи категории, во соработка со Црвениот крст.

Во иницијативата беа вклучени 35 ученици-волонтери, кои заедно учеа, готвеа, споделуваа и покажаа како знаењето може да се претвори во грижа. Остатоците од храната беа компостирани и искористени во училишната градина, со што отпадот доби нова вредност.

Со едукација, емпатија, солидарност и труд, младите можат да создадат силна заедница во која храната станува грижа, а отпадот-ресурс.

Меѓугенерациска солидарност во Прилеп: Герио Хелп од СОУ „Ѓорче Петров“

Понекогаш највредното нешто е чувството дека не си сам. Токму оваа идеја беше во срцето на иницијативата на тимот Герио Хелп од СОУ „Ѓорче Петров“ – Прилеп, посветена на повозрасните лица и јакнењето на меѓугенерациската солидарност.

Учениците реализираа активности со повозрасни лица преку едукативни работилници, здравствена нега, креативни и друштвени активности, музика и празнични посети. Дел од активностите се одвиваа во Домот за стари лица ЈОУ „Киро Крстески – Платник“, во соработка со Здружението на пензионери од Прилеп.

Преку иницијативата „OLD but GOLD", младите ги применија своите стекнати знаења во служба на заедницата, но истовремено се развиваа како свесни, внимателни и солидарни личности. Тие продолжуваат да создаваат простор за поддршка, внимание и почит, покажувајќи дека образованието не се случува само во учебниците, туку и во средбите меѓу генерациите.

Потсетник: младоста и мудроста можат да се сретнат на исто место и заедно да создадат чувство на припадност.

Еднакви во учењето: инклузивна поддршка преку дигитални лекции

Кога младите го претвораат знаењето во поддршка, секој ученик добива шанса да напредува. Тимот Еднакви од СУГС „Владо Тасевски“ – ПТТ од Скопје реализираше Service Learning иницијатива преку која знаењето од училишните клупи го претвори во конкретна поддршка за инклузивно образование.

Учениците креираа и објавија прилагодени аудио-видео лекции од финансиска писменост и сообраќајни предмети, наменети за нивни врсници од ДСУРЦ „Димитар Влахов“ – Скопје. Целта беше учениците полесно да ги совладаат наставните содржини и да стекнат поголема самостојност во учењето.

Содржините беа објавени на каналот „Еднакви во учењето“ и се достапни за сите, со што иницијативата ја надмина рамката на еднократна активност и создаде ресурс што може да продолжи да се користи.

Инклузијата не е само принцип, туку конкретна работа, адаптација и поддршка што овозможува секој ученик да има пристап до знаење.

Театар на еднаквост: креативност, прифаќање и заедничко создавање во Радовиш

Кога младите добиваат простор да создаваат, учењето станува живо, гласно и заедничко. Учениците од СОУ „Коста Сусинов“ – Радовиш, во соработка со штитениците од ЦПЛИП „Порака“, реализираа иницијатива што ја слави инклузијата, прифаќањето на различностите и моќта на уметноста.

Преку креативен процес, заедничка работа и градење доверба, учесниците развија драмска претстава во која секој имаше еднаква улога и простор за изразување. Иницијативата заврши со јавна изведба на претставата на Денот на лицата со попречености. Погледнете ги насмевките!

Театарот стана безбеден и креативен простор каде учесниците ги развиваа своите таленти, емпатија и социјални вештини. Преку претставата беше испратена силна порака дека различноста не е пречка, туку вредност што го збогатува општеството.

Кога младите учат преку дејствување и соработка, се создава заедница во која секој е прифатен, вреднуван и видлив.

Учење што остава трага

Петте Service Learning приказни покажуваат дека младите можат да препознаат реални проблеми, да изградат партнерства и да создадат решенија што имаат значење за нивната средина. Секоја иницијатива ја потврди вредноста на учењето преку акција.

Принципот на услужно учење им овозможи на учениците да излезат од улогата на пасивни приматели на знаење и да станат активни носители на промени. Тие учеа, истражуваа, комуницираа, создаваа и придонесуваа, покажувајќи дека образованието има најголема вредност кога е поврзано со реалниот живот и потребите на заедницата.

Проектот „LEADing Forward: Зајакнување на капацитетите за одржлив развој“ се спроведува со поддршка на Смарт Балканс и Норвешката амбасада.

ЛЕАД е основана во 2016 година од страна граѓански активисти, претприемачи, едукатори, средношколци и студенти со цел да поттикне општеството во кое младите и возрасни соработуваа за општествена промена.

Контакт

Бул. Илинден бр. 47-3, Скопјe
© Copyright 2026. All Right Reserved By LEAD