Ученичкото организирање и учество претставува право на учениците, а преку истото тие ги зајакнуваат своите демократски капацитети и се развиваат во активни граѓани кои се подготвени да земат учество во општествениот и политички живот. Оттука, при практикувањето на ученичкото учество важно е да се запазат демократските принципи и вредности.
Марина Коцареска од СОУ „Нико Нестор“ - Струга ни сподели колку е важно да се негува и практикува демократско ученичко учество и колку учениците преку овој проект стекнали капацитети за практикување демократија.
Какво беше вашето искуство со учеството на проектот?
Како некој кој постојано учествува на активностите и проектите организирани од Здружение ЛЕАД, така и учеството во овој проект за мене, а и за учениците беше драгоцено искуство.
Што ви остави најголем впечаток?
Симулацијата на состанок на Ученичка заедница која се спроведе за време на тренингот за ученичко учество, како една од активностите на проектот, ми остави најголем впечаток бидејќи ја демонстрираше важноста од демократски пристап во процесите на носење на одлуки.
Колку овој проект беше од корист за учениците и зошто?
Учестовото во вонучилишни активности и проекти е важно и корисно за учениците. Оттука и овој проект беше од голема корист за учениците бидејќи во голема мера, имаа прилика да научат нови работи, да споделат искуства и да се дружат!
Што е она што го научија и го сфатија учениците преку проектот?
Од многуте работи кои ги сфатија и научија учениците преку учеството во овој проект, веројатно најважната лекција за нив е дека демократското учество треба да се практикува, да се знаат правата и обврските, да дадат свој придонес во училишниот живот и да се слуша нивниот глас!
Проектот „Learning Engagement And Democracy“ се спроведува со финансиска поддршка од Европската унија, преку програмата Еразмус+.