Од исклучени кон носители на промени: Младите во Радовиш и Пробиштип активни за подобар живот

Почетна - Од исклучени кон носители на промени: Младите во Радовиш и Пробиштип активни за подобар живот
Sep 21, 2019

Од исклучени кон носители на промени: Младите во Радовиш и Пробиштип активни за подобар живот

Предизвици со кои се соочуваат младите во средини со помалку можности

blog-9.png

Младите луѓе претставуваат многу хетерогена категорија со различни социјални, економски, културни и образовни карактеристики, интереси, предизвици и потреби. Тие се во една специфична социјална состојба, бидејќи не се повеќе деца и немаат ниту право, а ниту пак потреба од иста грижа и заштита како онаа предвидена за децата. Младите сепак имаат потреба од дополнителна поддршка и поттик, бидејќи сѐ уште не ги уживаат сите можности кои им стојат на располагање на возрасните.

Националната стратегија за млади (2016-2025) нагласува дека: „Младите се носители на позитивните промени, како во Република Македонија, така и ширум светот. Тие се ресурс за иновации и идна движечка сила на социјалниот и економскиот развој. Младите ги предизвикуваат воспоставените норми и вредности и ги градат темелите за иднината на нашата земја. Република Македонија ја уважува оваа значајна улога на младите. Токму затоа од исклучителна важност е постојано и систематски да се вложува во нивниот развој, но и вовоспоставување на механизми за нивно активно учество во општествените процеси….“

Младите, посебно оние од средините со помалку можности како Пробиштип и Радовиш, се соочуваат сo низа на потешкотии, меѓу кои како клучни се издвојуваат:

  1. Недостатокот на можности за учество во општествениот живот и во креирање на политики за подобрување на животот во заедницата.
  2. Нискиот квалитет на јавни услуги (со посебен фокус на младите) и ограничени економски можности

Надминувањето на овие пречки бара меѓусекторски и комплементарни заложби на бројни чинители, но и зголемување на можностите младите сами активно да придонесат кон подобрување на квалитетот на нивниот живот и на животот во целокупната локална заедница.

Колку младинските политики одговараат на потребите на младите од помалите средини?

Веќе подолг период во Македонија, младинското учество во креирање и имплементирање на општествените промени, како право, но и можност младите да бидат вклучени во креирањето, носењето и реализација на политиките кои се од нивен интерес, е тема која се разработува од страна на младинските организации, националните и локалните власти и други релаевантни чинители активни во сферата на младинските прашања. Расправата има за цел создавање и унапредување на формите на младинско учество, како и надградување на капацитетите на младите за активен придонес кон унапредување на квалитетот на нивниот живот и животот во заедницата.

Како резултат на овие расправи од неодамна во Македонија се развија Национален младински совет, локални младински совети, младински канцеларии и сл. Но, и покрај создавањето на ваките претставнички тела за млади, вредно е да се напомене дека истите во голема мера постојат и се активни само во поголемите градови, а не и во помалите средини каде младинскиот ангажман како еден од најпотребните во едно општество е апсолутно запоставен и маргинализиран.

Младинското учество е дел и од стратешките приоритети од Националната стратегија за млади 2016 – 2025, сепак во истата не се предвидуваат никакви специфични одредби или мерки кои се однесуваат на млади кои доаѓаат од средини со помалку можности. Ова го отежнува процесот на креирање на локални младински политики кои ќе соодветствуваат на потребите и правата на младите луѓе, а и го оневозможува целосниот развој и искористувањето на потенцијалот на овие млади. Со спроведувањето на Оперативните планови за вработување како и пилотирањето на Гаранцијата за млади кои не се ни во образовние, нити вработени нити пак дел од некоја обука, а кои живеат во неколку од помалите локални средини, ќе им се овозможи полесно да најдат работа, потоа да посетуваат обуки за доквалификација но и да се вклучат во општествено корисни работи.Предноста на овие мерки е тоа што младите ќе имаат повеќе можности за унапредување на квалитетот на нивниот живот и ќе добијат континуитет во нивносто стручно оспособување

Новиот закон за млади кој е во подготовка, ревидирањето на програмите и плановите во образованието, ревидирањето на Националната стратегија за млади и сл. можеби ќе постават основа за унапредување на јавните сервиси за млади и зголемување за државните напори за надминување на економските и останатите видови на предизвици со кои се соочуваат младите, а кои ги ограничуваат нивниот личен и професионален развој. Сепак, овие политики се уште се во пилот фази или во фази на подготовка и ретко за која може да се каже дека веќе има некои видливи позначајни резултати, а посебно во помалите локални средини. Од друга страна, не сите тие се сензитивни кон спецификите на состојбата и потребите на младите од различни помали локални средини, нити пак ги вклучуваат овие млади во нивното креирање. Учеството на сите млади, посебно младите од помалите локални средини кои се соочуват со помалку можности, во ваквите процеси е важен маханизам за практикување на граѓанството кој придонесува кон креирање на релевантни политики засновани на права и потреби и ефикасно и ефективно искористување на сите локални и национални ресурси во напорите за унапредување на квалитетот на живот во македонското општество.

Младинска (не)активност

Политички гледано, младите луѓе од средини со помалку можности се меѓу најзагрозените и најисклучените групи во пошироката заедница, дури и во процесите на донесување одлуки кои имаат директно влијание врз нивниот живот. Учеството во вакви процеси е важен механизам за остварување на активно граѓанство. Консултирањето на младите луѓе за различни прашања од нивен интерес, од урбанистичкото планирање и управувањето со нивната животна средина, до прашања за образование, вработување, домување, обезбедува доказ за вистински потреби и грижи кои треба да се решат преку различни политики.

Овој проблем е јасно изразен на целата територија на Македонија, а посебно во Источниот и Југоисточниот регион каде состојбата е загрижувачка. Нивото на младинско учество во локалните заедници е толку ниско што според истражувањата, Источниот регион е на најниско ниво, каде истражувањата покажуваат дека 70% од младите таму и загрижувачки 92,8% во Југоисточниот регион никогаш не волонтирале во невладина организација. Дополнително, само 9.3% од младите членуваат во младинска организација, додека 51,7% од Источниот и 68% од Југоисточниот регион не членуваат во ниту една организација 3. Во низа истражувања и извештаи изработени во последните неколку години, како од граѓанскиот сектор (Реактор, МОФ), така и од надворешни институции, евидентна и неколкупати потенцирана е пасивноста и недостигот од иницијативност кај младите, која претставува критична алка за градење на одржливо и демократско општество. На локално ниво забележливо е дека освен форма на организирање на младите во средните училишта преку Училишните заедници, други форми речиси и да не постојат или пак не се активни. Едни од неaктивните форми се и Локалните младински совети. Иако формирани како советодавни тела од млади кои со нивното делување треба да придонесат кон креирањето на адекватни локални младински политики, истите никогаш немаа можност вистински да профункционираат. Тоа се должи на недостатокот на финансиски средства, но и на неподготвеноста на членовите на локалната самоуправа но и на самите млади, да бидат партнери едни во други и да се потрпат еден на друг во донесување на одлуки кои дирекно ги засегаат.

Моментално, голем дел од локалните младински совети немаат ни свои членови затоа што мандатот на оние кои беа првоизбрани е завршен, а можеби заради истата таа неподготвеност за партиципативно одлучување, се уште не се распишани конкурсите за избори за нови членови.

„Во Радовиш нема младински совети. Нема ни канцеларија за млади. Ретко која организација се занимава со нас младите. Кај нас има само неколку хуманитарни активности од Црвен Крст или пак настани кои ги организира Библиотеката или школото“ Александра (18г) Радовиш.

„На Радовиш му треба младински инспиративен центар – место каде ќе се дружиме, ќе дебатираме, ќе се надградуваме и од каде ќе предлагаме идеи за да ни биде подобро во Радовиш“ Катерина (18г) Радовиш.

„Свесноста за нашата улога во општеството беше многу ниска и преку овој проект сфативме дека потребно е да се создаваат нови можности за млади и за нивна лична надоградба.“ Тамара (17) Пробиштип.

Инкубатор за младинско организирање – модел за активирање на младите

При спроведувањето на проектот “Инкубатор за младинско организирање“ се одржаа вкупно 6 тренинг обуки за 29 млади кои имаа ентизијазам да формираат локални иницијативни јадра кои потоа би прераснале во одржлива и организирана група. Програма се состоеше од основи на младинско учество, локален младински активизам, лобирање и застапување во локалните заедница како и динамика на формирање на групи и тимови. По завршувањето на обуките, беа изработивени акциски планови во двата града кои почнаа да се имплементираат во наредниот период. Во текот на целиот процес групите имаа ментор кој им даваше поддршка при процесот на планирање и реализација. Иницијативните групи во период од три месеци организираа работилници, презентации, прибираа средства, остваруваа средби со локалните власти, остварија соработки со локални училишта и снимаа видеа за промоција на своите активности.

Користејќи го овој модел, актерите на локално ниво ќе го поттикнат младинското здружување, ќе ги зајакнат капацитетите на младите луѓе и ќе овозможат простор каде што младите можат да го реализираат својот потенцијал.

Резултатите кои беа постигнати е формирањето на две младински групи и тоа: Младинско движење-Пробиштип и Младински иницијативен центар-Радовиш. Овие две групи продолжуваат да функционираат и по завршување на проектот што јасно кажува за неговото влијание.

Што (може) да се направи?

Поаѓајќи од нашето искуство во работата со младите лица од Пробиштип и Радовиш- учесници во проектните активности и нивните ставови, а во насока на подобрување на учеството на младите, препорачуваме локални и национални власти во овие места и пошироко во Република Македонија:

  1. Да го потикнуваат младинскиот активизам и организирањето на младите во формални или неформални групи кои би го помогнале нивниот, но и општественит развој. Поттикнување и поддршката на овие млади за младинското организирано делување во формални или неформални групи на локално ниво, може значително да придонесе кон унапредување на нивното учество, односно во ставање на нивниот потенцијал во функција на развој на самата локална и поширока заедница. Ваквиот поттик и поддршка, од друга страна пак ќе значи и промена на начинот на кој се перцепираат младите и истите наместо да бидат „проблем“ и „некој за кој треба да се грижиме“ ќе прераснат во рамноправен партнер кој подеднакво може да придонесе за подобар живот за сите;
  2. Да ги поддржуваат младите во но и да создаваат услови за градење на нивните капацитети за организирано делување во формални или неформални групи;
  3. Да обезбедуваат поддршка за младински организации и неформални групи на млади кои се активни во развојот на локални средини со помалку можности;
  4. Да создаваат но и да вложуваат во одржување на различни форми на активно младинско учество во креирање на сеопфатни младински политики, кои ги имаат предвид недостатокот на можности во помалите локалните средини. Добрите практики вклучуваат воспоставување на младински советодавни тела (општинските совети за млади, младински парламенти или форуми и сл.) овозможувајќи им на сите млади луѓе, независно од тоа дали припаѓаат или не на организации или здруженија, да ги изразат своите мислења и да презентираат предлози за формулирање и имплементација на политиките кои ги засегаат. Како добар и мотивирачки пример за модел на заедничко донесување на одлуки од страна на младите и народните избраници го посочуваме моделот на ко-менаџирање во младинскиот сектор на Советот на Европа;
  5. Да работат на обезбедување на пристапни, достапни и за младите пријателски, јавни услуги и други мерки во областите: образование и обука, вработување и занимање, здравство, домување, информации и советување, спорт, слободно време и култура.

Истовремено, ги охрабруваме локалните и националните власти, при формулирањето и спроведувањето на младинските политики и програми да ги земат предвид мерките предложени во Препораките за подобрување на пристапот на младите до нивните социјални права, донесени од страна на Советот на Европа и истите да ги постават како дел од националните и локалните младински и социјални политики.

Во ваквите средини, постојат млади кои сакаат и можат да придонесат кон промени. Проектот „Инкубатор за младинско организирање“, помагајќи го организираното делување на 29 млади, го покажа токму тоа, односно покажа дека и во двата града има млади кои сакаат и умеат да се самоорганизираат и да реализираат активности за подобар живот.

ЛЕАД е основана во 2016 година од страна граѓански активисти, претприемачи, едукатори, средношколци и студенти со цел да поттикне општеството во кое младите и возрасни соработуваа за општествена промена.

Контакт

Бул. Илинден бр. 47-3, Скопјe
© Copyright 2024. All Right Reserved By LEAD