За да можеме да зборуваме за инклузивно демократско општество, за почеток, политичките системи мора да ги содржат сите делови на општеството, вклучувајќи ги и младите. Инклузивното политичко учество претставува основно право, кое е клучно за градење на стабилни и просперитетни заедници и развој на политики кои соодветствуваат на специфичните потреби на помладите генерации. Меѓутоа што всушност претставува младинското учество и колку е тоа застапено во нашата држава?
На централно и на локално ниво, како суштински дел од заедницата, мнозинството млади во голема мера се исклучени од формулирањето на политиките и од процесите на одлучување. Според неколку истражувања и наоди, младите имаат негативно мислење општо кон политиката и цинично се поставени кон нејзиното функционирање, и кон владеењето на политичките партии. Се чувствуваат фрустрирано и кај нив преовладува општо расположение на немоќ. Нивните гласови ретко се слушаат што укажува на тоа дека институциите не се доволно наклонети кон интересите и потребите на оваа група. Меѓутоа, зачудувачки е тоа што овој негативен став не ги оддалечува од традиционалните начини на политичко учество, односно гласањето. Напротив, податоците покажуваат дека и покрај нивното незадоволство, сепак се доста заинтересирани за гласање.