Замислете училиште во кое учењето не завршува со последниот одржан час, туку продолжува на улиците, во здруженија, во паркови и секаде каде што младите, со знаењето кое го стекнуваат во клупите, прават вистински промени. Ова не е утописка идеја, туку суштината на концептот наречен услужно учење (Service Learning).
НО, ШТО ВСУШНОСТ ПРЕТСТАВУВА УСЛУЖНОТО УЧЕЊЕ?
Услужното учење е едукативен пристап кој ги поврзува наставните содржини со вистински општествени предизвици. За разлика од традиционалните форми на учење, каде знаењето останува теоретско, услужното учење бара од учениците да го применат тоа што го учат преку конкретни активности во заедницата. Тоа е учење преку акција, каде што учениците не се само приматели на информации, туку активни граѓани кои креираат промени.
Овој пристап носи бројни придобивки. Учениците стекнуваат практични вештини, развиваат емпатија, учат како да работат во тим, како да комуницираат со различни групи и да решаваат реални проблеми. Од друга страна, заедницата добива млади луѓе кои се свесни за својот потенцијал, се грижат за средината во која живеат и дејствуваат за да ги подобруваат состојбите во своите локални средини. Но можеби најголемата вредност на услужното учење е што на учениците им дава мотивација да работат на својот личен развој и да ги подобруваат резултатите кои ги постигнуваат на училиште, како резултат на влијанието кое го постигнуваат со својата работа во заедницата.
ОД УЧЕЊЕ ВО УЧИЛНИЦАТА, ДО ГРИЖА ЗА ЗАЕДНИЦАТА
Во рамки на проектот „Од учење во училницата, до грижа за заедницата“, ЛЕАД, со поддршка од Норвешката амбасада во Скопје, преку програмата SMART Balkans, поддржа пет средношколски тимови да развијат и реализираат сопствени иницијативи базирани на концептот на услужно учење.
Вклучените тимови добија интерактивната онлајн обука преку која учениците од избраните тимови научија како да дефинираат проектни цели, да развијат акциски планови и како ефективно да ги користат ресурсите. Преку обуката учесниците стекнаа знаења и вештини за планирање и имплементирање на сопствени проекти во заедницата. Дополнително, секој од селектираните тимови доби финансиска поддршка од 12,000 денари за имплементацијта на проектот во период од три месеци.
Секој тим креираше проект кој директно адресираше некоја потреба во нивната заедница:
Секој проект беше пример како знаењето може да се претвори во конкретна акција која има опипливо влијание.
„Навистина прекрасен начин на изучување корисни информации кои можат да помогнат во секојдневниот живот! Големо задоволство е да се биде ментор во ваков проект од кој што бенефиции имаат и учениците кои несебично го споделуваат своето стекнато знаење преку проекти, предавања и интерактивни дискусии, како и за посетителите кои се здобиваат со нови хоризонти во финансиската писменост. Целиот проект беше многу убаво прифатен од двете страни и благодарна сум на позитивните коментари кои ги добивме.“ – Весна Трајкова Гиковска, наставник во „Арсени Јовков“, Скопје и ментор на еден од вклучените училишни тимови
Услужното учење не е само модел, туку инвестиција во младите и градење на нивната самодоверба, способност и верба дека наставата може да биде практична и дека училиштето не е само институција, туку двигател на позитивни општествени промени.