Скопје може подобро. Младите веќе имаат идеи!

Почетна - Скопје може подобро. Младите веќе имаат идеи!
May 10, 2026

Скопје може подобро. Младите веќе имаат идеи!

SkopYEAH! Инокамп, 28-30 април

Скопје има мерни станици за квалитет на воздухот, но граѓаните сè уште немаат едноставен и разбирлив начин да проверат што дишат. Низ градот постојат диви депонии кои често се пријавуваат доцна, а преполните контејнери понекогаш со денови остануваат без реакција. Проблемите се видливи. Она што недостасува е систем кој навремено реагира.

Токму од оваа потреба започна SkopYEAH! Инокампот, кој се одржа од 28 до 30 април во Innox центарот во Скопје. Во текот на тридневниот иновациски камп, млади учесници работеа на предизвик кој не беше апстрактен, туку директно поврзан со секојдневниот урбан живот: како да се создаде единствена дигитална платформа преку која граѓаните ќе можат полесно да се информираат, да пријавуваат проблеми и да следат дали институциите реагираат.

IMG_9362.JPG

Предизвикот беше поставен околу три конкретни функции. Прво, официјален и разбирлив приказ на податоците од мерните станици кои како информации денес постојат, но не се достапни на начин соодветен за обичниот граѓанин. Второ, систем за рано препознавање и пријавување диви депонии, со следење на нивниот статус наместо денешниот модел на реагирање откако штетата веќе е направена. И трето, механизам за пријавување полн контејнер пред тој да стане нова депонија на отворено.

Но суштинскиот предизвик беше поголем од самата технологија. Платформата требаше да одговори на едно многу важно прашање: како да се создаде доверба дека пријавата на граѓанинот нема да заврши „во фиока“, а институциите ќе добијат навремена, корисна и проверлива информација на која може да реагираат.

DSC_0458.JPG

Во текот на кампот, учесниците работеа во тимови, развиваа идеи, тестираа решенија, добиваа менторска поддршка и ги подготвуваа своите концепти за финална презентација. За многумина од нив, ова не беше само натпревар, туку можност да научат како една идеја може да се претвори во применливо решение.

DSC_0512.JPG

Матеа го опиша искуството како процес на учење, работа и личен развој: „Овој инокамп беше одлично искуство каде што научив многу нови и корисни работи кои дефинитивно ќе ги употребам во иднината и за наредни проекти. Во мојата група работевме доста напорно за да го извршиме финалниот продукт, се запознав со супер луѓе, стекнав многу нови вештини и исто така научив како да користам разни алатки.“

IMG_9434.JPG

За Андреј, најголемата вредност беше токму во заедничкото размислување и тимската работа: „Најкорисна е работата во тимот и brainstorming-от.“

IMG_9407.JPG

Поддршката при процесот остави силен впечаток. Еден од учесниците по завршувањето на кампот истакна: „На овој инокамп стекнав подобри вештини во областа на ИТ бидејќи имаше професионален кадар како ментори.“

Покрај техничките и презентациските вештини, кампот создаде простор за нешто подеднакво важно — поврзување меѓу млади луѓе кои размислуваат слично и сакаат да придонесат за почиста и пофункционална урбана средина.

IMG_9394.JPG

Марко го истакна токму тоа: „Клучна е соработката со истомисленици и многу млади луѓе коишто сакаат да придонесат за околината. Разменивме контакти со луѓе кои, секој на своја можност и во своето знаење, сакаат да придонесат.“

Михаела, пак, го долови духот на кампот на едноставен, но многу искрен начин: „Има многу дружба, има забава и соработување.“

Но зад оваа едноставна реченица стоеше и подлабока свест за можноста младите да бидат дел од реални промени. Како што истакна таа, преку вакви процеси „ќе можеме нешто да воведеме, некои нови добри услови во градот.“

IMG_9361.JPG

Она што особено се истакна низ разговорите со учесниците беше нивната јасна свест дека не се само натпреварувачи во иновативен предизвик. Тие се млади луѓе кои имаат идеи, знаење, енергија и желба да учествуваат во обликување на градот во кој живеат, учат и се движат секој ден.

IMG_9551.JPG

Елдар зборуваше токму за улогата на младите генерации во создавањето промени: „Уште од млада возраст стекнуваме навики. Тука сме и студенти и средношколци, и можеме заедно да се потрудиме за почисто Скопје.“

Неговата порака беше јасна: „Ние, како млади кои имаме многу значајни и корисни идеи, може да му помогнеме на градот да се доразвие, да биде подобар и почист.“

IMG_9521.JPG

Идеите развиени на кампот не остануваат само како вежба или младинска симулација, туку имаат потенцијал да продолжат кон следна фаза — доработка, поддршка и практична примена.

Победничкиот тим „ЕКОСКОПЈЕ 2“ составен од Ергун, Андреј, Данаил, Михаил, Миа и Михајло понуди практичен пристап кон поврзување на граѓанските пријави, податоците од терен и институционалната реакција во една функционална дигитална платформа. Концептот кој започна како инокамп предизвик е на пат да стане решение кое може да им служи и на граѓаните и на институциите.

IMG_9575.JPG

SkopYEAH! Инокампот покажа дека младите не треба да бидат гледани само како идни корисници на градските политики, туку како нивни активни создавачи. Кога им се дава јасен предизвик и поддршка тие создаваат решенија кои се конкретни, применливи и длабоко поврзани со реалните потреби на градот.

b0dca56b-7e14-4681-856f-0f7f759ac8cf.jpg

Понекогаш, за да се роди идеја вредна за имплементација, не е потребно многу. Потребни се млади луѓе со волја, добри ментори, отворена институционална врата и простор каде што проблемите на градот ќе се претворат во предизвик за создавање.

IMG_9584 - Edited.jpg

Проектот е поддржан од Европската комисија, како дел од нејзините напори за континуирано унапредување на односите меѓу јавните институции и младите луѓе, во рамките на мрежата YouthHub WB&T.

ЛЕАД е основана во 2016 година од страна граѓански активисти, претприемачи, едукатори, средношколци и студенти со цел да поттикне општеството во кое младите и возрасни соработуваа за општествена промена.

Контакт

Бул. Илинден бр. 47-3, Скопјe
© Copyright 2026. All Right Reserved By LEAD