UPSHIFT мини-саем во Штип

Почетна - UPSHIFT мини-саем во Штип
May 26, 2026

UPSHIFT мини-саем во Штип

На 8 мај, во рамки на посетата на амбасадорот на Шведска и неговата делегација, Штип беше домаќин на мини-саем на социјални иновации. Пред претставници на амбасадата, УНИЦЕФ, градоначалникот на Општина Штип и претставници вклучени во процесот, три тима средношколци ги претставија своите решенија создадени преку UPSHIFT програмата.

IMG_9782.JPG

Трите проекти беа различни по пристап, тема и производ но сите три носат иста порака: кога младите добиваат простор, поддршка и практичен процес на учење, тие можат да развијат идеи кои зборуваат за реални проблеми во нивната заедница.

IMG_9679.JPG

Од текстилното училиште СОУ „Димитар Мирасчиев“, - Штип, одговорот на еколошкиот проблем доаѓа преку она што учениците го знаат најдобро — кроење, шиење и дизајн.

IMG_9621.JPG

Тимот разви идеја за паметен дуксер со таканаречен еколошки џеб. Џебот има двојна функција: една преграда е наменета за лични работи, а другата за отпадоци. На тој начин, производот не само што се носи, туку и пренесува порака за одговорно однесување кон околината.

„Ние како текстилно училиште сакавме да го промовираме нашето училиште и да ја подигнеме еколошката свест. Нашата идеја е паметен дуксер со еколошки џеб кој има двојна функција“ , велат од тимот.

IMG_8085.JPG

За нив, најголемиот предизвик бил да смислат нешто што е едноставно, но сепак различно и применливо. Како тим, лично се освестиле за еколошкото размислување и успеале да ги пребродат некои од личните предизвици при вакви процеси како и да научат како да функционираат во група.

„Мислевме — океј, сè е измислено, што можеме ние да измислиме. Но со помош на менторот и поттикот да смислиме нешто поинакво, се мотивиравме.“

IMG_9658.JPG

Паметниот дуксер е замислен во различни кроеви, но еколошкиот џеб останува негов препознатлив елемент. Тој е видлив детал кој ја носи пораката без потреба од дополнително објаснување.

Претставувањето пред амбасадорот и делегацијата било посебно искуство за Лидија, Алејна, Изабела, Андреа и Јована.

„Ни беше чест и задоволство да го претставиме нашиот продукт пред претставниците од амбасадата. Имавме малку трема, но се исплатеше на крајот.“

IMG_9660.JPG

Пластични шишиња, кеси, пакувања и мали депонии се секојдневна слика во многу заедници. Тимот од СОУ Гимназија „Славчо Стојменски" - Штип одлучи да тргне токму од овој проблем и да истражи како пластиката може да се замени со поодржливо решение.

IMG_9771.JPG

Нивната идеја е развој на кеси од биоразградлива пластика, како алтернатива на конвенционалната амбалажа. Но за тимот, проектот многу брзо станал повеќе од училишна задача.

„Прво беше само уште еден проект на кој работевме на училиште. Но кога бевме избрани за Саемот, добивме уште поголема мотивација да работиме и да истражуваме. Во нас се разви љубов кон тоа што го правиме.“

IMG_9636.JPG

Низ процесот, учениците не само што истражувале за биоразградливи материјали, туку почнале подлабоко да го разбираат проблемот со микропластиката и последиците од секојдневната употреба на пластика. Како што велат, проектот и идеологијата зад него станале дел од нивниот секојдневен живот.

„Станавме свесни активисти преку запознавањето со предизвиците и проблемите што ги имаме со микропластиката. Во нас се разви пасија да промениме нешто и да направиме разлика.“

IMG_8012.JPG

Пораката ја пренесуваат и преку социјалните мрежи, преку Instagram и TikTok профил посветени на нивниот процес. За Невена, Марија, Теа, Видан, Лила, Мила и Нина важно е младите, како нив, да почнат од некаде.

IMG_9625.JPG

„Често кај младите е присутна мислата дека како индивидуа не можеме многу да промениме. Но илјадници млади со таа мисла, доколку почнат од некаде, заедно можат да си ја изградат иднината во која тие ќе живеат.“

IMG_9774.JPG

За тимот БИОВА, една од најважните вредности на UPSHIFT е практичното учење. Во училиште, велат тие, голем дел од наставата е теоретска, додека преку вакви процеси учениците добиваат простор да размислуваат самостојно, да истражуваат и да донесуваат свои заклучоци.

IMG_9800.JPG

Членовите на тимот од ДСУ-РЦСОО „Коле Нехтенин“ - Штип пак, истражуваа можност за акустични панели кои ја претвораат звучната енергија во употреблива електрична енергија.

IMG_8082.JPG

Идејата започнала преку истражување на различни проблеми и можни решенија. На крајот, тимот се задржал на прашањето: што ако звукот околу нас е ресурс кој сè уште не го користиме доволно?

„Размислувајќи за проблем кој можеме да го разработиме, истражувавме можни идеи и дојдовме до идејата за акустични панели наместо сончеви.“

IMG_9723.JPG

За учениците, најголемото изненадување било тоа што идејата предизвикала интерес кај луѓето на кои им ја претставувале. Иако на почетокот не биле сигурни дали ќе успеат добро да ја реализираат, реакциите им дале дополнителна мотивација.

„Не мислевме дека ќе успееме да ја реализираме добро, но на многу луѓе им се допадна. Се надеваме дека ќе можеме да ја развиеме и понатаму.“

IMG_9618.JPG

UPSHIFT процесот за нив бил можност да откријат сопствени способности кои претходно не ги препознавале. Преку истражување, тимска работа и практично учење, тие стекнале ново знаење за технологијата, енергијата и можностите за алтернативни извори.

„Целиот UPSHIFT процес ни покажа дека не знаевме дека можеме да бидеме толку креативни и да работиме заедно. Сè што направивме го научивме низ процесот.“

IMG_9789.JPG

Овие искуства ја покажуваат суштинската улога на UPSHIFT: да им даде на младите простор да учат преку реални предизвици, да развиваат идеи со поддршка и да ја почувствуваат сопствената моќ да придонесат во заедницата.

Токму затоа, следниот чекор е особено значаен — UPSHIFT расте во изборен наставен предмет во средните училишта, насочен кон социјални иновации за животната средина и климатските промени, во соработка со Бирото за развој на образованието, УНИЦЕФ и Шведската влада.

Со тоа, програмата нема да остане само успешна иницијатива, туку ќе стане дел од образовниот систем, создавајќи редовен простор во кој учениците ќе истражуваат, ќе креираат решенија и ќе учат како активни и одговорни граѓани.

„Го препорачуваме процесот бидејќи го разработува нашето размислување. Младите треба да работат на вакви проекти за да учат преку практична работа, бидејќи истовремено стекнуваат интересно искуство.“ велат од UPSHIFT тимовите.

Програмата UPSHIFT е реализирана од Здружението ЛЕАД во партнерство со УНИЦЕФ, поддржана од Министерство за образование и наука и Биро за развој на образованието, со финансиска поддршка од Шведска.

ЛЕАД е основана во 2016 година од страна граѓански активисти, претприемачи, едукатори, средношколци и студенти со цел да поттикне општеството во кое младите и возрасни соработуваа за општествена промена.

Контакт

Бул. Илинден бр. 47-3, Скопјe
© Copyright 2026. All Right Reserved By LEAD