
Во секој училишен ходник секој ден се прават стотици чекори. Тимот Step Up од СОУ Гимназија „Гоце Делчев“ од Куманово си постави едно едноставно, но амбициозно прашање: што ако дел од таа енергија може да се претвори во нешто корисно?
Зад идејата стојат Каја, Матео, Таиса, Меланија и Андреј —таа опфаќа изработка и вградување на плочки кои кинетичката енергија од движењето на луѓето ја претвораат во електрична. Секој чекор по плочката произведува струја — без напор, без промена на навики, без дополнителна опрема.
Покрај самите плочки, тимот предвидел и табла во реално време која ги прикажува вредностите на создадената енергија. Целта е едноставна: да им покаже на учениците, професорите и минувачите дека и тие, без замор, можат да придонесат за својата околина.
„Не само да покажеме светилка — туку идеја дека можеме како млади да оствориме нешто кое е добро за сите", велат од тимот.
Реализацијата на ваква идеја не е едноставна за средношколци. Областа е технички сложена, истражувањето напорно, а насоката на почетокот — нејасна. Самиот старт бил најголем предизвик: да се дефинира проблемот, да се постави временска рамка и да се знае кон што точно се оди.
„Излеговме од границите на нашето мислење и искуство — истражувањето беше напорно, но доста научивме."

За тимот Step Up, UPSHIFT е посредник меѓу нив и остварувањето на нешто што инаку не би замислиле дека можат да го направат.
Иако идејата била технички сложена, тимот не останал сам. Преку процесот воспоставиле контакт со професори од Машинскиот факултет, а менторите им помогнале да ја структуираат идејата, да продолжат кога ќе се соочат со пречки и да веруваат дека можат да ја реализираат.
Менторите биле клучен дел од тој процес — не само стручно, туку и како поттик за самодоверба во моменти кога решението изгледало далечно.
„Би истакнале дека навистина ни се допадна самата помош, поддршка, вклученост и посветеност која ни ја понудија сите ментори во секој момент за време на целиот процес.“
Преку процесот стекнале социјални вештини, научиле како да развијат иновација од цел до целна група, и — можеби неочекувано — значително ги развиле вештините за јавно презентирање и pitching.
„Вештините за презентирање во рамки на техничка иновација не очекувавме дека толку ќе ни се развијат. Важно е и како кратко и јасно да ја претставиме идејата "
За разлика од редовната настава, UPSHIFT им дал шанса да се пронајдат во улоги кои не ги очекувале, да бидат поддршка еден на друг и да создадат нешто вистинско.
„Овој тип на учење е нешто кое не се заборава. Секој добива шанса да се оствари во улога во која не би се замислил — бидејќи добива шанса да работи во тим и да биде поддршка некому."

Следниот чекор за тимот Step Up е доразвивање на решението и поврзување со заинтересирани компании, институции и соработници кои можат да помогнат идејата да продолжи да расте. Тие веќе покажаа дека младите можат да размислуваат технички, одржливо и општествено одговорно.
„Сметаме дека секоја идеја може да се реализира и дека е многу важно да се почне, да се обиде и да се помине процесот. “
Програмата UPSHIFT е реализирана од Здружението ЛЕАД во партнерство со УНИЦЕФ, поддржана од Министерство за образование и наука и Биро за развој на образованието, со финансиска поддршка од Шведска.