UPSHIFT низ училишните ходници: СОУ „Гошо Викeнтиев“ - Кочани

Почетна - UPSHIFT низ училишните ходници: СОУ „Гошо Викeнтиев“ - Кочани
Apr 14, 2026

UPSHIFT низ училишните ходници: СОУ „Гошо Викeнтиев“ - Кочани

низ училишните ходници.png

Сончева енергија, стари палети и една идеја што го разубави училишниот двор

Го наследија дворот таков каков што бил — и одлучија да го подобрат.

Многу идеи почнуваат со чувство дека нешто недостасува. Токму така започна и приказната на тимот од СОУ„Гошо Викентиев“ од Кочани. Во дворот на нивното училиште недостасувало нешто едноставно, но важно — простор каде учениците ќе можат да седнат, да се дружат и да се почувствуваат удобно.

IMG_7990.JPG

Во рамки на UPSHIFT програмата за интегрирање на социјална иновација во формалното образование, на Саемот за социјални иновации (17-19 декември 2025) учествуваа 28 средношколски тимови кои добија можност да ги развиваат своите идеи. Меѓу нив беше и тимот од СОУ „Гошо Викентиев“, чие училиште го посетивме на еден сончев ден во март 2026 година за да видиме до каде стигнале со својата иницијатива.

Во училишниот двор со години немало доволно место каде учениците можат да седнат, да одморат или едноставно да поминат време во попријатна атмосфера. Дворот бил функционален, но без простор што навистина ги привлекува младите. Тоа со генерации било прифатено како нешто нормално, но не и од овој тим.

„Сакавме да оставиме нешто убаво, наша трага.“

Така се родила идејата за паметниот летниковец — креативно и одржливо решение изработено од стари палети и други еколошки и реупотребливи материјали. Наместо да чекаат некој друг да го подобри просторот, Јована, Ана, Христијан и Анелија решиле самите да преземат иницијатива кога се појавила можноста преку UPSHIFT.

IMG_7994.JPG

Преку програмата, тимот за првпат поминал низ процес во кој една почетна идеја треба да се развие во вистинско решение. Тоа значело многу повеќе од добра идеја — барало размислување, планирање, соработка и постојано подобрување.

Во текот на процесот, тие учеле како креативно да размислуваат, како да ја обликуваат својата идеја, како да ја претстават пред други и како да не се откажат дури и кога не се сигурни во себе.

„За да го склопиме проектот, моравме креативно да размислуваме.“

IMG_7806.JPG IMG_8502.JPG

Не било лесно а конкуренцијата со другите тимови дополнително создавала притисок. Но токму тоа ги поттикнало повеќе да се трудат, да вежбаат и да поверуваат дека нивната идеја навистина вреди. „Презентирањето беше стресно, но поминавме добро. Испробувавме милион пати, не знаевме дали ни е добра идејата.“ Иако ова им бил прв ваков проект, токму низ процесот сфатиле дека можат многу повеќе отколку што мислеле на почетокот. „Прв проект ни беше, не очекувавме дека ќе стигнеме волку далеку, дека ќе станува сè поинтересно.“

На прашањето како гледаат на UPSHIFT како изборен предмет, тие се согласија со голем дел од својата генерација дека во училиштето недостига повеќе креативност и практична работа.

„Фали нешто креативно во училиштето. Мислиме дека на тие часови учениците ќе сакаат да останат.“

Една од најважните работи што ја добиле низ ова искуство не била само идејата или прототипот, туку чувството дека како тим можат повеќе. Работејќи заедно, тие изградиле поголема самодоверба, меѓусебна поддршка и чувство дека нивниот глас има тежина. Особено им значело што низ целиот процес добивале поддршка и од персоналот во училиштето, што им покажало дека кога некој навистина сака да започне промена може да најде сојузници.

За тимот, UPSHIFT не е само програма, туку простор каде нивната идеја добива вредност, форма и насока. Свесноста дека самите го создаваат овој простор кај нив создава и чувство на одговорност да го чуваат и негуваат.

„Бидејќи ние го создаваме, знаеме дека сме се потрудиле и ќе се обидеме да го чуваме.“

IMG_8505.JPG

Изградбата на летниковецот беше одложена поради временските услови, но тимот, заедно со училишниот персонал, веќе започна да работи на неговата реализација. Наскоро, училиштето ќе добие едно прекрасно место за дружење — создадено од ученици, за ученици.

IMG_8518.JPG IMG_8508.JPG

Нивната приказна покажува дека промената не мора да почне со големи ресурси. Понекогаш почнува со едно незадоволство, една идеја, неколку стари палети и тим што е подготвен да се обиде.

Најважниот чекор, според нив, е да не се остане само на зборови.

„Секој треба да си ја каже идејата и да се потруди да ја оствари, бидејќи може да придонесе. Но не е доволно само да се каже идејата — треба да се потрудиш. Важно беше да се почне.“

Програмата UPSHIFT е реализирана од Здружението ЛЕАД во партнерство со УНИЦЕФ, поддржана од Министерство за образование и наука и Биро за развој на образованието, со финансиска поддршка од Шведска.

ЛЕАД е основана во 2016 година од страна граѓански активисти, претприемачи, едукатори, средношколци и студенти со цел да поттикне општеството во кое младите и возрасни соработуваа за општествена промена.

Контакт

Бул. Илинден бр. 47-3, Скопјe
© Copyright 2026. All Right Reserved By LEAD