UPSHIFT низ училишните ходници: СОУ „Љупчо Сантов“ - Кочани

Почетна - UPSHIFT низ училишните ходници: СОУ „Љупчо Сантов“ - Кочани
Apr 29, 2026

UPSHIFT низ училишните ходници: СОУ „Љупчо Сантов“ - Кочани

низ училишните ходници (5).png

Земи книга. Остави книга. Вдиши подлабоко.

Една идеја која дише

Отпадот од книги расте, концентрацијата на јаглероден диоксид во затворени простори е загрижувачка, а младите сè повеќе посегнуваат по екрани наместо по страници.

„Сакавме да го направиме читањето подостапно, да го намалиме отпадот и истовремено да го подобриме воздухот — и сфативме дека може да го склопиме сето тоа во едно“, велат девојките од тимот од СОУ „Љупчо Сантов“.

Нивното решение е еколошка библиотека која функционира на принципот „земи книга — остави книга“ , а во неа е вградено растението сансеверија — познато по своето природно апсорбирање на јаглероден диоксид и лесното одржување. Библиотеката е замислена за внатрешни простори во училиштата, со потенцијал за ширење и во јавните паркови доколку тимот добие поддршка однадвор.

IMG_7991.JPG

Но патот до Green Reads не бил целосно сигурен. Дел од членовите на UPSHIFT клубот се откажале во текот на процесот, а и самиот тим признава дека во еден момент размислувал да го стори истото. Сепак, идејата се покажала посилна од несигурноста. На Саемот за социјални иновации, нешто се сменило. За првпат се почувствувале не само како ученици, туку како млади луѓе чии идеи имаат тежина.

„Мислевме дека ќе се откажеме — но кога нè одбраа, добивме повеќе мотивација. Мислевме дека нашата идеја нема да биде ценета, бевме скептични бидејќи кај нас тешко се одржуваат идеите. Но сфативме со текот на времето дека ако имаме идеја, не треба да се откажуваме од неа. На саемот се почувствувавме дека сме слушнати — дека како млади имаме функција.“

IMG_8003.JPG

За Јована К., Софија, Јована М., Глориа и Моника, UPSHIFT не бил само процес во кој развиле прототип. Тоа било искуство преку кое научиле да размислуваат критички, да зборуваат посигурно пред публика и да веруваат дека и едноставните идеи можат да имаат вистински ефект.

„Сфативме дека вистинските решенија не доаѓаат веднаш, туку се создаваат преку соработка и верба во тоа што го правиме. Овој процес ни покажа дека младите не се само набљудувачи, туку можат да бидат активни креатори на промени во својата заедница. Ни даде самодоверба да веруваме во своите идеи и храброст да ги споделиме.“

IMG_8537.JPG IMG_8534.JPG

Тие поттикнуваат и едно потешко прашање: во ера на вештачка интелигенција, културата на читање и самостојното размислување не се луксуз — тие се неопходност.

И го делат мислењето со нивната генерација: „За нас важно ни е да бидеме активни на часовите наместо пасивно да учиме лекции, ни недостасува нешто што е поразлично и поинтересно.“

Во нивното училиште младите се мотивираат кога ќе воочат дека можат да бидат чуени и дека токму некој како нив остварил успешен проект и иницијатива. Многу соученици имаат желба и идеја, но не наоѓаат шанса, а преку UPSHIFT програмата дознаваат за можностите кои ги имаат.

IMG_8543.JPG

По процесот, тимот размислува поинаку и за проблемите во својот град:

„Конкретно, нашиот град има сериозен проблем со отпадот и кантите. Но имаме поголем проблем со предрасудите дека ако немаме поддршка од организација како вашата, тогаш како млади лица немаме право да зборуваме и дејствуваме, бидејќи немаме искуство и нашите идеи нема да бидат прифатени.“

IMG_8549.JPG

Green Reads започнува како мала училишна еко-библиотека но е секојдневен потсетник дека кога младите добиваат простор, поддршка и доверба, тие не само што препознаваат проблеми — тие создаваат решенија.

„Можеби нема да го смениме светот но ќе придонесеме барем еден мал дел да биде подобар.“

Програмата UPSHIFT е реализирана од Здружението ЛЕАД во партнерство со УНИЦЕФ, поддржана од Министерство за образование и наука и Биро за развој на образованието, со финансиска поддршка од Шведска.

ЛЕАД е основана во 2016 година од страна граѓански активисти, претприемачи, едукатори, средношколци и студенти со цел да поттикне општеството во кое младите и возрасни соработуваа за општествена промена.

Контакт

Бул. Илинден бр. 47-3, Скопјe
© Copyright 2026. All Right Reserved By LEAD