
Пластичниот отпад е секаде — на улица, во природа, во бројки кои плашат. Но за тимот Green Tiles од гимназијата „Раде Јовчевски-Корчагин“ од Скопје , пластиката не е само проблем. Таа е и ресурс кој чека да биде искористен.

Меланија, Кирил и Борјан истражувале, експериментирале и на крај направиле нешто конкретно: плочки од рециклирана пластика. Нивната идеја била да се пренамени пластиката која инаку завршува како отпад, па го мотивирале целото училиште да собира пластични капачиња. А веќе со првата употреба на добиените плочки, го обележале инвалидското паркинг место во своето училиште.
Проблемот со загадувањето од пластика и нејзината неискористеност како ресурс биле почетната точка. Истражувањето го одвело тимот во непознато — пластиката како материјал е комплексна, бара посебен третман и претпазливост. Но потенцијалот е огромен.

Со поддршка од своите професори и во комуникација со Машинскиот и Технолошкиот факултет, тимот ги надминал техничките предизвици чекор по чекор — прво откривале типови на пластика, како безбедно да ја обработат, како да ги оформат плочките и како да ги искористат.
„Не остана само на хартија и горди сме што успеавме да го реализираме проектот."
За тимот, вредноста на програмата не е само во знаењето туку во навиката. UPSHIFT ги научил на трпеливост, на тоа дека добрата идеја бара процес и дека процесот понекогаш те тера да се откажеш но дека на крајот на денот, сепак вреди.
„UPSHIFT ги тера младите да размислуваат и ги учи на трпеливост за терање идеја до крај."

Инвалидското паркинг место во училиштето е обележано со плочки кои некогаш биле отпад. Тимот верува дека пластиката како ресурс има далеку поголем потенцијал од она што досега се користи, а со поддршка и соработка можат еден ден да чекорат подалеку и тоа токму на плочки од рециклирана пластика.

„Највредно беше што научивме како да презентираме идеја и како да работиме со нешто што ни беше сосем ново — научивме за пластиката и стекнавме свест за загадувањето."
Програмата UPSHIFT е реализирана од Здружението ЛЕАД во партнерство со УНИЦЕФ, поддржана од Министерство за образование и наука и Биро за развој на образованието, со финансиска поддршка од Шведска.