Од учебната 2026/2027 година, во гимназиите ширум државата пристигнува новиот изборен предмет Социјални иновации, создаден врз искуството и методологијата на UPSHIFT.
Наместо лекција што треба да се запомни, учениците добиваат простор да забележат проблем околу себе. Да истражат зошто постои. Да разговараат со луѓето кои ги засега. Да предложат решение, да го тестираат, да згрешат, да го подобрат и конечно да создадат нешто што може навистина да функционира.
За да се овозможи квалитетна настава, низ регионални циклуси беа вклучени 90 средни училишта а наставниците се подготвуваа за новиот предмет преку обуки фокусирани на истражување на својата поинаква улога како фасилитатори и ментори чија задача е да создадат безбеден простор во кој учениците ќе истражуваат, ќе носат одлуки и ќе креираат решенија.
Наставничка од училиште во Битола при процесот изјави:
„Моменталниот едукациски систем функционира на база на паметење факти. Со UPSHIFT е поинаку, се поттикнува размислување, креативност и отвореност кај учениците. Така ќе научат полесно да се справуваат со проблеми, и надвор од училиштето и на лично ниво.“
Од училиштата произлегоа идеи и прототипи кои покажаа колку различно изгледа учењето кога ученикот има можност да работи на нешто што го препознава како реално и важно. Тимовите потоа ги претставија своите решенија на саеми за социјални иновации, каде што имаа можност да ги споредат своите искуства, да добијат нови перспективи и да воспостават соработки со факултети, компании и општини. Но идеите не останаа само изложени на саем. Развиените иновации продолжија кон реализација, а учениците имаа можност да искусат што значи една идеја да прерасне во конкретна промена во заедницата.
„За нас е важно да бидеме активни на часовите наместо пасивно да учиме лекции. Ни недостасува нешто што е поразлично и поинтересно.“ вели ученичка од училиште во Кочани, а го дели мислењето и со другите од својата генерација.
Во време кога од младите очекуваме да бидат подготвени за свет што брзо се менува, ваквиот начин на учење нуди нешто што тешко се стекнува само преку учебник. Нивната средина станува материјал за учење, а прашањата што ги забележуваат околу себе стануваат почетна точка за истражување, создавање и дејствување.
Дека ваков простор им недостасува во училиштето, најдобро кажуваат самите ученици. 93,2% од учениците вклучени во процесот изјавиле дека би го избрале предметот доколку им биде понуден во нивното училиште.
Една неискористена површина во училиштето, непотребното трошење ресурси, проблем во соседството или потреба на одредена група луѓе може да биде почеток на еден училиштен час и истовремено голем социјален импакт.
UPSHIFT е глобална програма на УНИЦЕФ за социјални иновации која им овозможува на младите да развиваат решенија за реални предизвици во својата средина. Во Северна Македонија, програмата од 2019 низ годините им даде можност на средношколците да работат на еколошки и општествени прашања преку методологијата на дизајнерско размислување.
Во 2025 година започна последниот следниот важен чекор: искуството од UPSHIFT да се пилотира и вметне во формалното образование а со новата учебна година, UPSHIFT повеќе не се случува само покрај училиштето. Станува дел од него.