Иако учениците од различните училишта имаат свои, уникатни предизвици, потреби и интереси, сепак голем дел од предизвиците со кои се соочуваат учениците од средните училишта се заеднички и релевантни на различните училишта, од различните региони и градови. Оттука, соработката помеѓу училиштата е навистина важна со цел здружено справување со овие предизвици и споделување на искуства и успешни практики.
За можноста учениците од различни училишта да соработуваат и да се вмрежат преку проектот „Учење учество и демократија“ ни сподели Васка Пандова од СОУ „Методи Митевски Брицо“- Делчево.
Какво беше вашето искуство со учеството на проектот?
Искуството беше навистина позитивно, особено можноста да размениме искуства и идеи со другите училишта кои беа вклучени во проектот
Што ви остави најголем впечаток?
Дефинитивно тренингот за градење на капацитетите на претставниците на Ученичките заедници кој се одржа во Струга, а особено спроведената симулација на состанок на Ученичката заедница и процесот на носење на одлуки
Колку овој проект беше од корист за учениците и зошто?
_ Проектот беше корисен за учениците кои беа дел од него, особено бидејќи преку учеството и соработката со учениците од другите училишта, учениците од моето училиште добија нови идеи и се вмрежија со други училишта._
Што е она што го научија и го сфатија учениците преку проектот?
Според мене и моето искуство во процесот на спроведување на проектот, најголемата и најважната лекција која ја добија учениците е важноста од соработка, важноста од заложба за своите идеи и интереси, но и правилните механизми за да се залагаат за тие идеи и интереси.
Проектот „Learning Engagement And Democracy“ се спроведува со финансиска поддршка од Европската унија, преку програмата Еразмус+.