Замислете училиште каде учениците, наставниците и родителите седат заедно, споделуваат идеи и носат одлуки. Звучи убаво, нели? Токму тоа се случува кога училиштата воспоставуваат нешто што се нарекува ко-менаџирачко тело. Тоа е група во која сите работат како тим за да го направат училишниот живот подобар. Родители од пет различни земји: Србија, Северна Македонија, Босна и Херцеговина, Косово и Црна Гора ги споделија своите искуства и мислења за овие тела, како и зошто ученичкото учество е навистина важно. Еве што дознавме од нив.
Родителите се согласуваат за едно: учениците треба да бидат дел од процесот на одлучување. На крајот на краиштата, тие го поминуваат најголемиот дел од денот во училиштето па затоа кој друг би можел подобро да знае што функционира, а што не?
Како што рече еден родител од Косово:
„Учениците се тие кои секојдневно го живеат училишниот живот. Нивното вклучување им помага да се чувствуваат ценети и почитувани.“
Кога учениците ги споделуваат своите идеи, училиштето станува место на кое се гордеат. Тоа им помага да развијат важни животни вештини како тимска работа, решавање проблеми и изразување на сопственото мислење.
Родител од Северна Македонија совршено кажа:
„Ако очекуваме од нив да бидат одговорни возрасни, треба да почнеме со тоа што ќе им дадеме одговорност во училиштето.“
Идејата е едноставна: да се поврзат учениците, наставниците и родителите. Така сите подобро се разбираат и заедно работат на решавање на проблеми.
Родителите од сите пет земји забележале големи придобивки:
• Учениците се чувствуваат слушнати. • Наставниците добиваат свежи идеи. • Родителите можат да помогнат во насочување на подобрувањата.
Како што рече родител од Босна и Херцеговина:
„Ова тело овозможува отворена комуникација. Учениците развиваат самодоверба и лидерски вештини, а сите подобро ги разбираме потребите на другите.“
Кога учениците се вклучени во процесот на одлучување, тие повеќе се грижат за училиштето и полесно ги прифаќаат правилата, затоа што и самите учествувале во нивното создавање. Училиштето престанува да биде место каде што некој „им кажува што да прават“, и станува место каде што „се работи заедно“.
Родител од Црна Гора сподели:
„Учениците ја насочуваат својата енергија кон подобрување на училиштето, нудејќи нови перспективи за тоа како може да се направат нештата подобро.“
А еден родител од Србија додаде:
„Кога учениците ги разбираат причините зад правилата, тие не само што полесно ги прифаќаат, туку и им помагаат на другите да ги следат.“
Додека учениците учат како да учествуваат, родителите можат да понудат поддршка и искуство. Тие ги познаваат своите деца најдобро и можат да помогнат училиштето подобро да ги разбере нивните потреби. Родител од Косово рече:
„Родителите имаат вредни перспективи и се ангажираат за потребите на учениците да се задоволени притоа задржувајќи ја и поголемата слика.“
Родителите можат исто така да организираат настани, да помогнат со работилници и да го поврзат училиштето со локалната заедница. На тој начин, училиштето станува посилно и соединето.
Училиштата не се само места каде што се учат информации напамет и се полагаат тестови. Тоа се места каде што учиме како да бидеме дел од заедница.
Кога на учениците им се дава место на масата, а родителите се вклучени во процесот, училиштето станува место каде што секој глас е важен. Родителите низ регионот се согласуваат дека ко-менаџирачките тела се чекор напред кон создавање пофер, поотворени и поинтересни училишта како средини во кои учениците не се само пасививни слушачи, туку активни учесници во сопственото образование. Зашто, кога навистина се слушаме меѓусебно сите сме подобри!
Проектот „Ко-менаџирани средни училишта“ се спроведува од Здружението LEAD (МКД) во партнерство со Genesis Project (BiH), Kosovar Youth Council (KS), Youth Network of Montenegro (MNE) и Connecting (SRB). Проектот е финансиран од Европската Унија преку програмата Erasmus+.