ПОВИК ЗА ВКЛУЧУВАЊЕ ВО БАЗА НА МЕНТОРИ

Почетна - ПОВИК ЗА ВКЛУЧУВАЊЕ ВО БАЗА НА МЕНТОРИ
Jul 7, 2025

ПОВИК ЗА ВКЛУЧУВАЊЕ ВО БАЗА НА МЕНТОРИ

Дали веруваш во моќта на младите да креираат решенија за вистински општествени предизвици? Дали сакаш да бидеш дел од трансформација која започнува во училишните клупи, позитивно ја менува целата заедница?

Ве повикуваме да се вклучите во нашата база на ментори, кои ќе ја поддржат реализацијата на иновативни социјални иницијативи од страна на средношколски тимови од нашата земја и од регионот.

Здружение Лидери за едукација, активизам и развој отвора повик за креирање база на ментори кои ќе помогнат во реализација на иновативни социјални иницијативи, од страна на средношколски тимови во следните три година во рамки на програмата UpShift која ќе се имплементира на национално и на регионално ниво.

Членовите на базата на ментори ќе бидат ангажирани да менторираат средношколски тимови во рамки на два процеси кои ќе се спроведуваат во наредните три години:

1. Национална UpShift програма

Националната UpShift програма, ќе се спроведува во периодот септември 2025 – декември 2027 година и ќе опфати 90 училишта од целата земја, преку 9 циклуси кои ќе опфаќаат по 10 училишта. Секој циклус ќе се спроведува во еден од осумте плански региони, опфаќајќи училишта од тој регион.

Во рамки на секое училиште ќе биде спроведен процес на развој на социјални иновации од страна на средношколски тимови преку методологијата Design Thinking, во период од еден месец. Процесот во секое училиште ќе резултира со презентации на развиената социјална иновација од секој средношколски тим, пред жири комисија која ќе избере еден победник. Избраниот победник ќе го имплементира победничкото решение во период од три месеци.

Деветте циклуси ќе бидат спроведени по следниов распоред:

  • Циклус 1, 2 и 3 (кои ќе вклучат 30 училишта од 3 региони) ќе се спроведат во периодот октомври 2025 – февруари 2026
  • Циклус 4 (кој ќе вклучи 10 училишта од 1 регион) ќе се спроведе во периодот февруари 2026 – јуни 2026
  • Циклус 5 и 6- (кои ќе вклучат 20 училишта од 2 региони) ќе се спроведат во периодот септември 2026 – декември 2026
  • Циклус 7 - (кој ќе вклучи 10 училишта од 1 регион) ќе се спроведе во периодот февруари 2027 – јуни 2027
  • Циклус 8 и 9- (кои ќе вклучат 20 училишта од 2 региони) ќе се спроведат во периодот септември 2027 – декември 2027

Улогата на менторот во овој процес:

  • Да присуствува на обука за менторство организирана од ЛЕА. Првата обука ќе се организира од 17-ти до 20-ти септември;
  • Да го надгледува и менторира процесот на развој на социјални иновации на 2 училишта во рамки на еден циклус, во период од еден месец. Во овој процес улогата на менторот ќе биде да поддржува и менторира одговорен наставник од двете училишта, но и да го следи процесот кој го поминуваат учениците;
  • Да обезбеди менторска поддршка на победничкиот тим во имплементацијата на победничкото решение, во период од три месеци;
  • Да ги поддржи двете училишта во креирањето на училишен UpShift клуб и во креирањето на годишна програма за клубот.

Во рамки на националната UpShift програма еден ментор може да биде ангажиран за повеќе циклуси, согласно неговата/нејзината достапност и во договор со координаторот на програмата.

Надоместот за менторите во рамки на оваа програма изнесува 17 500 денари бруто за менторирање на процесот на развој на социјални иновации во самите училишта во период од еден месец и 15 000 денари бруто за менторирање на процесот на имплементација на победничкото решение во период од три месеци.

2. Регионална UpShift програма

Регионалната UpShift програма ќе се спроведува во периодот септември 2025 – септември 2026 на регионално ниво, со вклучување на средношколски тимови од Македонија, Босна и Хрецеговина, Хрватска и Албанија. Регионалната програма ќе се спроведе во 2 циклуси, а секој циклус ќе вклучи 20 средношколски тимови, односно по 5 средношколски тимови од секоја земја.

Секој циклус предвидува петдневен настан (Bootcamp) на кој средношколските тимови ќе ги развиваат своите социјални иновации и истите ќе ги презентираат пред жири комисија, која ќе одбере по 2 победнички решенија од секоја земја. Овие настани ќе се одржат во Босна и Херцеговина (10.11 - 14.11.2025) и во Македонија (23.03 - 27.03.2026).

Улогата на менторот во овој процес:

  • Да учествува на тренинг за ментори кој ќе се одржи од 24-ти до 26-ти септември 2025 година во Загреб, Хрватска;
  • Да учествува и да менторира еден средношколски тим за време на петдневниот настан (Bootcamp) во процесот на развој на социјалната иновација;
  • Доколку средношколскиот тим кој го менторирал за време на петдневниот настан е избран како победнички тим, да го менторира процесот на реализација на социјалната иновација во период од три месеци.

Еден ментор може да биде избран да биде вклучен во еден циклус или во двата циклуси, согласно неговата/нејзината достапност и во договор со координаторот на програмата.

Надоместот за менторите во рамки на оваа програма изнесува 17 500 денари бруто за менторирање на процесот на развој на социјални иновации за време на петдневниот настан и 15 000 денари бруто за менторирање на процесот на имплементација на победничкото решение во период од три месеци, доколку средношколскиот тим кој сте го менторирале за време на петдневниот настан е избран за победник.

ПРОФИЛ НА МЕНТОРОТ

  • Минимум 2 години искуство во работа со и менторирање на млади луѓе;
  • Минимум 2 години искуство во реализација на младински иницијативи;
  • Ќе се смета за предност доколку апликантот има искуство со образовни програми;
  • Силни вештини за фасилитирање на групи и процеси.

АПЛИЦИРАЊЕ СЕЛЕКЦИЈА И НАДОМЕСТ

Аплицирањето за менторскиот ангажман се пополнување на апликациската форма достапна на СЛЕДНИОВ ЛИНК. При аплицирањето можете да изберете дали сте заинтересирани за вклучување во еден или во двата UpShift процеси

Рокот за аплицирање е до 31.07.2025 година.

ИНФО СЕСИЈА ЗА ОБЈАСНУВАЊЕ НА ПОВИКОТ

Доколку сте заинтересирани, но сè уште не сте сигурни дали да аплицирате, ве покануваме да земете учество на инфо сесијата која ќе се одржи на 15.07.2025 година, со почеток од 11 часот, он-лајн, преку платформата ZOOM.

Пријавете се за учество на инфо сесијата со пополнување на СЛЕДНИОВ ЛИНК најдоцна до 13.07.2025 година.

Програмскиот тим може да одлучи да спроведе интеревјуа со дел од кандидатите.

ЛЕАД е основана во 2016 година од страна граѓански активисти, претприемачи, едукатори, средношколци и студенти со цел да поттикне општеството во кое младите и возрасни соработуваа за општествена промена.

Контакт

Бул. Илинден бр. 47-3, Скопјe
© Copyright 2025. All Right Reserved By LEAD