ПОВИК: најГЛАСни! – Награда за средношколско учество 2025/26

Почетна - ПОВИК: најГЛАСни! – Награда за средношколско учество 2025/26
Mar 22, 2026

ПОВИК: најГЛАСни! – Награда за средношколско учество 2025/26

Дали вашиот ученички совет оваа година имаше вистинско влијание врз училиштето и учениците?

Раскажете ја приказната за вашиот ученички совет и аплицирајте на најГЛАСни! – награда за средношколско учество.

Повикот е отворен за сите ученички совети од државни и приватни средни училишта кои во текот на учебната 2025/2026 година биле активни и придонеле за поголемо ученичко учество во носење на одлуки.

Што претставува наградата за средношколско учество?

Фондација Конрад Аденауер и здружение Лидери за едукација, активизам и развој, со поддршката на Министерството за образование и наука, ја доделуваат наградата за средношколско учество, веќе 5та година по ред, како признание за активноста и работата на овие ученички тела во насока на унапредување на положбата на учениците во своите училишта и вклучување во училишните процеси.

Наградата за средношколско учество се доделува на годишно ниво, на ЕДЕН ученички совет кој демонстрира активност и посветеност кон унапредување на училишната демократија.

Преку наградата за средношколско учество сакаме да дадеме наш поттик и придонес за средношколското учество во нашата земја, но и да ги препознаеме, наградиме и поддржиме позитивните примери во делувањето на средношколците

Како да се пријавите?

Пријавување за наградата се врши електронски со пополнување на пријавата на следниот ЛИНК.

Пријавата мора да е целосно и детално пополнета заедно со пропратните документи кои се бараат во истата. Таа мора да биде пополнета од страна на ученик/ученици и одговорен наставник кои се дел од раководството на средношколскиот ученички совет во рамки на училиштето

Рокот за пријавување истекува на 24.04.2026 година.

Што следува по истекување на рокот за аплицирање?

По истекот на рокот сите апликации ќе бидат оценувани и од нив ќе се селектираат 6 финалисти кои од 12 до 14 мај 2026, на финален настан ќе имаат можност да се претстават пред жири комисија.

Секое училиште - финалист ќе биде претставувано од тим составен од четири претставника (три ученика, од кои не повеќе од еден ученик од четврта година, и одговорниот наставник) од избраните ученички заедници. На тридневниот настан финалистите ќе имаат можност да ја претстават работата на средношколската ученичка заедница.

Кои се критериумите за избор на финалистите?

Критериумите за избор се следни:

  1. Уреденост и начин на функционирање на ученичката заедница – максимум 30 поени
  2. Степен на влијание и учество во консултации и носење на одлуки во рамки на училиштето – максимум 25 поени
  3. Степен на активност во спроведување на различни активности и вклучување на учениците во истите – максимум 20 поени

Примери за ученичко учество

Ученичкото учество во нашата земја сѐ уште не е докрај развиено и често постојат погрешни разбирања за што претставува истото.

Пример за вистинско учество: Училишниот совет дискутира на состанок за тоа како да го придонесе за намалување на врсничкото насилство (булинг). На состанокот се носат низа заклучоци и предлози кои се испратени до директорот и училишните служби каде потоа на заеднички состанок се усвојуваат и се реализираат.

Пример кој не претставува вистинско учество: Училиштето/наставниците на состанок на советот предлагаат да се организира настан за одбележување на денот на правата на децата. Учениците се целосно ангажирани во реализација на активности и поради тоа не можат да дискутираат за решавање на предизвиците на учениците.

Од што се состои наградата?

Победничкиот ученички совет ќе добие признание, плакета и банер со наградата и со логото и името на нивната ученичка заедница.

Наградениот ученички совет, покрај признанието, ќе добие можност за учество на тридневна обука, наменета специфично за раководството на ученичкиот совет - победник, која има за цел да ги зајакне капацитетите на тој совет за значајно средношколско делување. На обуката, тие ќе добијат насоки и менторство од страна на ЛЕАД и КАС за како да ја подобрат својата работа во текот на наредните учебни години, а воедно ќе креираат и акциски план за работа, активности и одговорности, разгледувајќи идеи и можности.

Индикативна временска рамка на целиот процес:

  • Објавување на повик за Награда за средношколско учество- 23 март
  • Онлајн информативна сесија за повикот - 2 април, во 12.00 (Пријави се на информативната сесија на следниот ЛИНК) Финален рок за аплицирање - 24 април
  • Известување за избрани финалисти- 30 април
  • Завршен настан за финалисти и избор на средношколски ученички заедници- 12-14 мај

Целосни критериуми за избор се следните:

УРЕДЕНОСТ И НАЧИН НА ФУНКЦИОНИРАЊЕ НА УЧЕНИЧКАТА ЗАЕДНИЦА:

  • Дали советот е уреден во рамки на статутот на училиштето или поседува правилник со кој јасно се уредува нејзината улога? 3 поени
  • Дали советот соодветно самостојно планира и поседува годишни планови за работа? 4 поени
  • Дали ученичкиот совет на демократски начин (тајно од страна на сите ученици на училиштето) ги избира своите претставници без влијание на раководството? 5 поени
  • Дали ученичкиот совет има избрано 2 ученици за училишниот одбор и дали истите учествуваат на состаноците на одборот? 3 поени
  • Дали учениците имаат избрани ученички правобранител и дали истиот е избран од страна на сите ученици во училиштето преку демократско гласање? 3 поени
  • Дали ученичкиот совет редовно одржува состаноци за својата работа и свикува состаноци самостојно врз основа на потребите на учениците? (редовно значи најмалку 1 месечно или повеќе) 5 поени
  • Дали од состаноците се водат уредни записници, и истите потоа се споделени со останатите ученици во училиштето? 4 поени
  • Дали состаноците се водени од страна на учениците, а не од наставниците или друг наставен кадар? 4 поени

ВКУПЕН БРОЈ НА МОЖНИ ПОЕНИ 30

СТЕПЕН НА ВЛИЈАНИЕ И УЧЕСТВО ВО КОНСУЛТАЦИИ И НОСЕЊЕ НА ОДЛУКИ ВО РАМКИ НА УЧИЛИШТЕТО:

  • Колку често на состаноците на советот се дискутираат релевантни и суштински теми поврзани со учеството на ученици? 5 поени
  • Колку често учениците усвојуваат и комуницираат предлози кои се наменети за раководството на училиштето? 5 поени
  • Дали некој од предлозите упатени кон училишното раководство се прифатени и реализирани? 5 поени
  • На кој начин советот ги вклучува останатите учениците во училиштето кои не се дел од раководство? 5 поени
  • Колку често училиштето ги консултира учениците за релевантни теми за ученичкото учество? 5 поени

ВКУПЕН БРОЈ НА МОЖНИ ПОЕНИ 25

СТЕПЕН НА АКТИВНОСТ ВО СПРОВЕДУВАЊЕ НА РАЗЛИЧНИ АКТИВНОСТИ И ВКЛУЧУВАЊЕ НА УЧЕНИЦИТЕ ВО ИСТИТЕ:

  • Колку често ученичкиот советот спроведува различни активности за учениците? 5 поени
  • Дали активностите кои се реализираат потекнуваат од самите ученици или се наметнати од училишните служби? 5 поени
  • До кој степен активностите кои се организираат поттикнуваат учество во донесување на одлуки? 5 поени
  • Дали во активностите се вклучени и учениците кои не се дел од раководството на училиштето? 5 поени

ВКУПЕН БРОЈ НА МОЖНИ ПОЕНИ 20

Ако сте стигнале до тука, веќе знаете дека ова е за вас.

Кога сте активни и видливи – станувате влијателни. Бидете најГЛАСни! Пријавете се и покажете дека гласот на учениците вреди.

Фондација Конрад Аденауер, LEAD и Министерството за образование и наука – поддржувачи и промотори на ученичкото учество во последните 4 години – ја доделуваат оваа награда како признание за посветеноста на ученичките тела во унапредување на положбата на учениците и нивното вклучување во училишните процеси.

ЛЕАД е основана во 2016 година од страна граѓански активисти, претприемачи, едукатори, средношколци и студенти со цел да поттикне општеството во кое младите и возрасни соработуваа за општествена промена.

Контакт

Бул. Илинден бр. 47-3, Скопјe
© Copyright 2026. All Right Reserved By LEAD